Анемија – една од најчестите патолошки состојби кај луѓето

Автор: Д-р Љубица Илиеска

Анемија е состојба која се дефинира како апсолутно намалување на бројот на еритроцитите, односно на концентрацијата на хемоглобин. Според СЗО анемија постои кога вредностите на хемоглобинот се под 130 грама на литар за возрасни мажи и 120 грама на литар за возрасни жени. Хемоглобинот е металопротеин на железото кој се наоѓа во еритроцитите и има клучна улога во транспортот на кислородот од белите дробови до сите ткива и органи на организмот. Неговата намалена концентрација води намален капацитет на крвта за транспорт на кислородот и предизвикува различен степен на ткивна хипоксија (глад на клетките и ткивата за кислород).

Анемијата е една од најчестите патолошки состојби кај луѓето. Честа е кај деца под 5- годишна возраст, бремени жени, жени кои дојат и во репродуктивниот период.

Причини и класификација
Анемијата како состојба може да биде класифицирана од аспект на патофизиолошкиот механизам кој довел до неа и морфолошки – големина на еритроцити (микро- и макроцирни) и количина на хемоглобин (нормо и хипохромни).

Три главни причини за настанување на анемија се:
1. Недоволна продукација на еритроцити
Се со цел во коскената срцевина да се создаде доволен број на еритроцити и хемоглобин, на организмот му се потребни железо, витамин Б12, фолат, протеини, витамини и минерали кои ги добиваме преку храната и баланс еритропоетин еритропоетинот, хемопоетин – гликопротеин со хормонални функции (цитокин) одговорен за контрола на еритропоезата ( продукцијата на црвените крвни клетки). Дефицит на било кој може да доведе до анемија.
2. Зголемена деструкција на еритроцитите
Процес наречен хемолиза кој настанува поради бројни наследни или стекнати состојби како инфекции (маларија), српеста анемија, таласемии, пароксизмална ноќна хемоглобинурија имуни хемолитички анемии и др.
3. Зголемена загуба
При различни акутни состојби и хронични состојби како обилни менструални крварења, крварења од гастроинтестинален тракт, желудочен улкус, карциноми, тешки повреди и др.

Според морфологијата тие се поделени на:
1. Макроцитна MCV>95fl
2. Микроцитна MCV<80fl; MCH<27pg
3. Нормоцитна,нормохромна MCV je 85-95fl; MCH>26pg

Што чувствува анемичниот човек?
„Често чувствувам замор, вртоглавица, главоболка, срцето ми работи забрзано, немам концентрација. Чувствувам студ, рацете и нозете ми се ладни, немир во нозете, а ноктите ми се кршлив”. Ова е најчестиот исказ на пациентите кои страдаат од анемија. Покрај овие основни симптоми постојат и специфични асоцирани со причината која довела до анемија.

Фото: Д-р Љубица Илиеска

Најчесто застапени анемии
Железо-дефицитна анемија – во светски рамки водечка причина за анемија е дефицит на железо, 30-50% од анемиите се причинети токму поради тоа. Железо-дефицитната анемија е само симптом. Мора да се откријат основните причини. Главните ризик фактори кои водат до дефицит на железо се негово намалено внесување преку храната, негова намалена апсорпција (кај хронични заболувања на ГИТ како целијачна болест, Кронова болест, улцеративен колитис инфекција со Helicobacter pylori и др.) и периоди во животот каде што потребите за железо се зголемени како бременост и кај децата во периодот на раст. Дефицитот на железо кај жените по репродуктивниот период и кај мажите во кој било период од животот секогаш е абнормално.Околу 20% од жените со активен менструален циклус имаат феродефицитна анемија во иста фаза од својот репродуктивен период од животот. Симптоми кои се јавуваат кај овие пациенти се замор и омалаксаност поради кој не можат да ги изведуваат нормалните секојдневни активности, ирегуларен пулс, болка во гради, намалена концентрација, вртоглавици и зашеметеност, главоболки, глад за воздух, синдром на нервозни нозе, нетолеранцијата на студ се развива кај една петтина од пациентите со хронична анемија со дефицит на железо и се манифестира со вазомоторни нарушувања, невролошка болка или вкочанетост и пецкање. Степенот на изразено на симптомите зависи од тежината на анемијата.
Првично овој тип на анемија се третира е со пер од (per os) терапија, орална примена на железни препарати кои имаат ефект со правилна употреба и дозирање. Терапевскиот одговор е доста спор, потребни се 3-4 месеци за видливи ефект. Најчесто, терапијата на анемија треба да трае најмалку 3-6 месеци, време потребно корекција на вообичаените параметри од крвната слика и за пополнување на депоата, што најдобро ќе го видиме преку вредностите на феритинот и трансферинот. Парентералното (интравенското) железо се применува само ако е неопходно и ако не е постигнат соодветен терапевтски ефект на покачување на параметрите и се аплицира во болнички услови.

Пренициозна анемија (мегалобластна/макроцитна) , анемија поради дефицит на витамин Б12. Најчесто е резултат на дефицит на интринзичен фактор – протеин кој се лачи од париеталните клетки од цревата, потребен за апсорпција на овој витамин и е најчесто автоимуна состојба во која се продуцираат антитела кои ги напаѓаат и уништуваат клетките во гастроинтестиналниот тракт-специјализирани за продукција на интринсик фактор, или пак во прашање се антитела кои се директно насочени кон интринсик факторот. Пернициозната анемија не е само недостаток на витамин Б-12 туку еден поголем комплекс на нарушувања кои на крај водат до дефицит и симптоми на дефицит на кобаламин. Покрај вообичаените знаци и симптоми кои се јавуваат кај анемиите, пациентите со овој тип на анемија можат да чувствуваат трнење на раце и нозе, слабост и ослабени рефлекси, конфузија, гадење, мазен јазик без папили (како лакиран) и др.
Дијагнозата се поставува основа на карактеристична крвна слика, наод на мегалобласти во коскената срцевина, позитивен Шилинг тест, присуство на антипариетални антитела и гастроскопски и патохистолошки наоди на атрофичен гастритис.
Терапијата е со супституцијата на витамин Б12 кај пернициозната анемија се почнува со и.м. инјекции на 1 мг hydroxycobalamin на 1-2 дневни интервали за 1-2 недели. Потоа, дозирањето е 1 мг (најмалку 100 µg) месечно, но, исто така, доволно е и 1 mg на секои 3 месеци.

Хемолотичка анемија (зголемена деструкција на еритроцити). Сите хемолитични анемии се поделени на наследни и стекнати.

-Наследна
Нарушувања на мембраните на еритроцитите
Наследна сфероцитоза
Наследна елиптоцитоза
Хемоглобинопатии
Нарушување на синтезата на глобинот
Таласемија
Хемоглобин S, C, D
Недостатоци на ензими на еритроцитите
Недостаток на гликоза-6-фосфат дехидрогеназа

-Стекнати
Имунолошки
Изоимуни
Автоимуни (топли и ладни антитела)
Алоимун
Неимуни
Механички (вештачки вентили, микроангиопатска, хемоглобинурија поради марширање)
Инфекции (Clostridium welchii, маларија)
Лекови, хемиски соединенија
Дизеритроцитопоеза (пароксизмална ноќна хемоглобинурија)

Покрај вообичаените знаци и симптоми кои се јавуваат кај анемиите, специфични кај овој вид се жолтица (жолта пребоеност на кожата и очите), болка во горен дел од абдомен, темна урина и зголемена слезена.
Терапијата е во зависност од причината. Кај повеќето типови на хемолитична анемија се врши спленектомија (отстранување на слезината). Во случај на тешка анемија се врши трансфузија на измиени еритроцити. И во некои форми, се дава супортивна терапија со кортикостероиди, имуносупресивни лекови, администрација на имуноглобулини и плазмафереза.
Апластична анемија е состојба во која вашата коскена срцевина не произведува доволно црвени и бели крвни клетки, како и тромбоцити. Може да биде конгенитална и стекната. Стекнатите се делат на идиопатски (примарни), кога не може да се открие причината, и секундарни (на пример, по хемотерапија и/или радиотерапија), поврзани со одреден предиспонирачки фактор.

Воспоставување на дијагноза
1.Анамнеза – детално земена анамнеза, во поглед на историја на болести на дигестивниот систем, обемни менструални крварења, видот на исхраната што ја конзумира пациентот, фамилијарна анамнеза може да не упати кон можната причина за настанување на анемијата.
2.Лабораториски испитувања – концентрација на хемоглобин, број на еритроцити, МCV, MCH, концнетрација на феритин и трансферин, TIBC.
Ретикулоциозата е силен индикатор за крвавење или хемолиза, а ретикулопенијата индицира ослабена еритроидна продукција.
Макроцитозата асоцирана со анемија е најчесто асоцирана со мегалобластна анемија.
Нормоцитната анемија е најчесто асоцирана со хронични болести, т.е. е секундарна по природа.

Симпоми + анамнеза+ крвни анализи = дијагноза!

Правилната исхрана е една од најбитните превентивни мерки за појава на анемија. Таа треба да биде богата со железо како што се леќа, грав и другите мешункасти растенија, цвекло, пиперки, зелен лиснат зеленчук, интегрални житарки, јаткасти плодови, суви сливи и кајсии, темно чоколадо итн. Исто така, витаминот Ц има голема улога во апсорпцијата на железото. При анемија треба да се избегнува поголемо внесување калциум, којшто ја намалува апсорпцијата на железото во крвта, а истиот негативен ефект го имаат и производите што содржат танин (чај, кафе, газирани пијалаци итн.).

Откриена на време , анемијата се лекува!