Фото: МИА

Клиничката болница во Штип, како најголема регионална здравствена установа во источниот дел од државата, го презела првиот удар по трагедијата во Кочани и во првите шест часа примила околу 120 до 130 повредени. Ова го изјави директорот на болницата, Влатко Захариев, на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“.

Тој посочи дека во првите 60 до 70 минути во болницата пристигнале околу 40 пациенти со изгореници, по што веднаш бил мобилизиран персоналот. На повикот за помош се одзвале околу 90 до 100 вработени, меѓу кои лекари, медицински сестри, анестезиолози, фармацевти, болничари и друг здравствен персонал.

Во првиот час биле формирани околу десет медицински тимови кои вршеле првична тријажа, поставување венски линии, инфузиона терапија, аналгетска и антибиотска терапија, како и преврски. Потоа пациентите биле подготвувани за транспорт во координација со другите здравствени установи.

Захариев истакна дека веќе околу 45 минути по првиот прием започнал транспортот на пациентите кон терцијарното здравство во Скопје. Притоа, прво биле испраќани полесно повредените пациенти, со цел скопските болници да не бидат веднаш изложени на целосниот притисок, додека потешките и критичните случаи биле стабилизирани и потоа постепено транспортирани.

Во штипската болница, до 8 часот наутро биле евидентирани 49 болнички приеми на пациенти со средно тешка и тешка клиничка слика. До 15 часот таму останале околу 30 стабилизирани пациенти, а по дополнителна координација со скопските клиники, до 22 часот повеќе немало повредени задржани во болницата.

Захариев оцени дека добрата координација и правилната тријажа придонеле да не се изгуби ниту еден дополнителен живот. Тој изрази благодарност и до директорите на регионалните здравствени установи од источниот дел на државата, кои испратиле медицински персонал и транспортни возила за помош во справувањето со последиците од трагедијата.