За тоа како да се направат промени, познавачите на состојбите во образованието дискутираат за реформи во начинот на оценување во основно, за воведување на приемен испит во сите средни училишта. Во едно се согласни, длабоки промени за подобро образование и севкупна општествена атмосфера
Како до реални оценки и ни треба ли приемен за средно образование
Имаме многу штанцани петки, или оценувањето на учениците во основно не е реално и мора да се промени. Ова е црвеното светло кое уште еднаш се запали откако беа објавени резултатите од приемниот испит во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје. За тоа како да се направат промени, познавачите на состојбите во образованието дискутираат за реформи во начинот на оценување во основно, за воведување на приемен испит во сите средни училишта. Во едно се согласни, длабоки промени за подобро образование и севкупна општествена атмосфера.
На испитот во „Орце Николов“ биле тестирани 292 ученици, сите одлични, со просек 5,00. Тестот по математика носел максимум 100 поени, а по мајчин јазик максимум 70 поени. Од нив, одличен успех (над 129 бода, т.е. над 76 отсто) покажале само 11 ученици, или 3,76 отсто од тестираните. Многу добар успех покажале 13,36 отсто од тестираните. Добар успех имале 45,55 отсто од тестираните, доволен – 23,97 отсто, а недоволен успех –13,36 отсто од тестираните.
Бројките се поразителни, особено зашто ја одразуваат сликата за генералното ниво на знаење на учениците, на ниво на цела држава, коментираат познавачите на образовниот систем. Но, што може да се стори за да се поправат?
Шаќири: Ќе ги анализираме резултатите
Министерот Јетон Шаќири за „Нова Македонија“ вели дека Министерството за образование и наука (МОН) ќе направи темелна анализа на резултатите од приемниот испит во „Орце Николов“, како и во двете други училишта во кои се полагаше, од чија организација се задоволни.
– Анализата ќе покаже и што и како ќе треба да се преземе, а таа е неопходна. Вистина е дека времето за подготовка на учениците беше кратко, но ќе направиме анализа по која ќе се одлучува како да се за постапи наредната година. По неа може и да разговараме и за тоа дали би ни требал задолжителен приемен испит. Кога станува збор за оценувањето и начинот на учење знаете дека имаме почнати реферми со новата концепција во основното образование. За 5-6 години ќе заврши основно првата генерација која работи според новата концепција, ќе се покаже колку се подготвени – вели Шаќири.
Атанасов: Процентуалното оценување е добро решение, но треба уште многу
Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование, смета дека не е секогаш неопходно воведување на задолжителен приемен испит за упис во средно училиште. Ако стане задолжителен, вели тој, тогаш во основното не треба да има оценки.
– Можеби треба да се обидеме да го промениме начинот на оценување. Познавам примери, земји во кои оценките се изразуваат во проценти. Така се прави разлика и меѓу петките и меѓу четворките и меѓу тројките. Она што сметам дека е важно е да се овозможи колку-толку објективно оценување – истакнува Атанасов.
Тристотини деца со просек 5,00 е нереална состојба, смета нашиот соговорник.
– Моите анализи покажуваа дека ако знаеме дека 10-15 проценти од децата се природно надарени или талентирани, 10-15 проценти немаат мотивација за учење или нешто друго, задача на образованието е да работи со останатите 60-70 проценти на кои треба да им се подигне образовното ниво. Гледаме дека овие деца во „Орце Николов“ се најбројни, гравитираат околу третата можност – посочува Атанасов.
Наставничке, не сум баш спремен. Седи, петка!
Потпросечно образование
Примерот „Орце Николов“, смета тој, покажа дека треба квалификациски испит во 4-5 средни училишта каде што бројот на ученици кои конкурирале е поголем од оние кои може да се запишат.
– Нашето образование денес е потпросечно. Проблемот е како да се дисперзираат учениците според квалитет и да се подигне нивото за подобро образование. Во сите европски земји има поопшто и поконкретно средно образование. Општото е со пошироко знаење, а со конкретното, стручно насочено се обезбедуваат конкретни работни места по завршувањето. Во Германија, на пример, не е проблем да се направи дисперзија на учениците. Но, за да стасаме до тоа пак се враќаме на реалното оценување, кое би решило еден дел од проблемите во образованието. Како социолог можам да кажам дека ако оценувањето е реално и уписите би биле помалку стресни и за учениците и за родителите. Падот на образованието кај нас се должи и на општата атмосфера, непочитување на образованието, недоволното наградување на наставниците, на лоши учебници…. Многу фактори мора да се сменат за да се подобри. Тоа значи дека и за процентуалното оценување да биде реално, многу фактори треба да се сменат – објаснува Атанасов.
Нема аир од „шверцерско“ знаење
Татјана Алексиќ, професорка во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, смета дека со воведување на задолжителен приемен испит за запишување во средно училиште ќе се намали притисокот за петки што го прават родителите, а ќе се преиспитаат и тие и учениците и наставниците.
– Србија со години наназад практикува приемен, квалификационен испит за упис во средно и на факултет. Тоа е првиот браник за самоелиминација, што секако не е идеален модел кој гарантира дека нема да се протнат „шверцери” со врски и амбициозни родители. Имам обичај и на учениците кога прават писмена да им кажам да не се учат да бидат шверцери и да препишуваат, нема аир од шверцерско „знаење”. Ние со години практикуваме систем со наметнати критериуми за услов за упис кој диктира скроз одличен успех или „сите петки“. Згора на тоа, амбициозни родители ги заплашуваат децата да учат за да не се запишат во некое стручно, непопуларно училиште. Јадро на економски попродуктивно општество се занаетите, ние сме земјоделска и занаетчиска земја, треба некој да пече леб, не мора сите да се менаџери и да глумат снобови. Македонија требаше само да си ја испочитува традицијата и раскошната природа, да си ги изменаџира вистинските потенцијали за да не го увезуваме тоа што го имаме туку да го задржиме за личен бенефит. Истото го правиме со одлив на мозоци, капацитети си заминуваат од Македонија поради лошите образовни политики со години наназад. Враќањето на стручните училишта или дуалното образование, кои ги засенија со отворањата на гимназиски паралелки и императивот на задолжително средно, ќе ги релаксира уписните амбиции само за гимназии. Тоа се случува само во Скопје, во помалите градови не е така – вели Алексиќ.
Таа објаснува дека многу надарени ученици се демотивирани кога гледаат кој се поминува во системот.
– Има многу способни ученици кои си заминуваат од земјава зашто не можат да се пробијат во систем на протекции. Кристално јасно им е каков е системот кога гледаат луѓе на високи политички функции без елементарно знаење, без функционална писменост – тврди Алексиќ.
„Професорке, па што ако толку читате кога возите пегличка?“
Професорката ги споменува и изместените вредности.
– Кога сме кај стручното образование, ќе ви раскажам пример од времето додека предавав во стручното училиште „Димитар Влахов“. Тогаш возев автомобил познат како пегличка, фиат 126. Кога ги убедував дека треба да читаат книги и дека знаењето е вистинскиот капитал, спонтано ми велеа: „Професорке, па што ако толку читате кога возите пегличка?“. Е тогаш користиш „бели лаги” па им велиш „јас и кога возам „пегла” се чувствувам како госпоѓа”. Не можете секогаш да барате реципроцитет на стекнатото знаење со материјалниот бенефит, но знаењето секогаш отвора можности. Сè можат да ти земат, освен знаењето, вештините и способностите. Духовното богатство компензира секаков недостаток, материјалното не може да ги пополни духовните празнини. И кога-тогаш шверцуваното или купеното „знаење” испливува на површина оти е шупликаво – додава Алексиќ.
Без болни амбиции
Гимназија „Орце Николов“ покажа идеолошки приоритет со таа „навала“ за упис, и со години е најпосакуваната гимназија, вели нашата соговорничка.
– Можеме мирно да им стоиме. Лично сметам дека се здобија со почит од родителите и учениците кога први се одважија да ги поддржат своите ученици против екстерното, кое за волја на вистината мислевме ќе нѐ спаси од врски за оценки, но отиде во друга, погрешна насока. Популарноста им трае, со години „се тепаат“ да се запишат во Орце, каде ете, повторно пионерски, се почна со квалификационен испит. Токму сега е моментот, крајно време, за преиспитување и поправање. За подобар образовен систем треба да се подобрат многу работи, но за почеток требаат: задолжително приемни за упис во средно и високо образование. Државата да обезбеди услови за јакнење пракса и вработување на средношколците по завршено средно стручно. Родителите да разберат дека не секој мора и треба да заврши факултет, магистрира и докторира, па нека е и сопственото дете. Дури тогаш ќе олабавиме со врскаџискиот систем „некому мајка – некому маќеа”, а учениците и родителите ќе ги прифатат реалните оценки без болни амбиции – додава Алексиќ.
Податоците од Државниот завод за статистика за основните училишта на на крајот на учебната 2020/2021 година велат дека од 185.925 ученици во редовните основни училишта одлични биле 70.929 ученици, многу добри – 24.218, добри – 17.591, доволен успех имале 8.594, а описно биле оценети 64.295.
При упис во средно училиште се земаат предвид оценките од шесто до девето одделение. Оваа учебна година имало 79.351 од шесто до девето, a одлични биле 38.418, или 48 проценти.