Завршивме со овој процес, сите да ги имаме позитивните поуки, иако беше долг процесот сите сме добитници, сите освен тие што изгубија во наставата и да се најде начин и тоа да се искорегира, изјави вечерва за ТВ Сител министерот за образование и наука Јетон Шаќири во врска со договорот со СОНК за покачување на платите.
-Кажувам дека сме добитници бидејќи имавме можност во овој период на лоша економска ситуација да најдеме начин за повисоки плати, сме добитници за тоа дека се отворија повеќе колективни договори и се отворија неколку дискусии во тие колективни договори каде што ќе има повеќе придобивки и за наставниот кадар освен ова што е предвидено. Мислам дека беше добар, отворен процес и нашите преговори со СОНК ќе продолжат не завршуваат со она што денеска се потпиша туку ќе ја разгледуваме заедно секоја стратегија за основно и средно образование-рече Шаќири.
Тој посочи дека со почетокот на новата учебна година, септември или октомври ќе има потпишување на гранковите колективни договори помеѓу синдикатот и МОН.
– Се согласивме дека ќе има зголемување на плата за 15 проценти почнувајќи со исплата на платата во септември. Исто така се согласивме, претставници на СОНК да бидат вклучени во процесот на подготовка на буџетот за наредна година. Но, ние како Влада подготвуваме нова методологија за пресметка на плати на јавниот сектор. Значи, се работи за методологија која ќе има предвид многу економски индикатори. Кога таа ќе биде готова, јас како министер заедно со претставниците од СОНК ќе ја разгледаме и ќе ги имаме предвид фискалните импликации или податоците во бројки за конкретниот случај за платите во секторот основно и средно образование-нагласи Шаќири.