СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ од Скопје од 13 до 17 октомври 2025 успешно ја
реализира третата мобилност во рамките на Еразмус+ проектот за училишни
партнерства К10-SCH „Музеите како корисно средство за едукација и мотивација на
учениците”/Museums as a Useful Source of Education and Motivation for Students (
M.U.S.E.U.M.S.) чија главна цел е поттикнување на интересот кај младите за
културното наследство и уметноста преку употреба на современи дигитални
технологии и иновативни наставни пристапи.
Проектот планиран да се реализира во учебните 2024/25 и 2025/26 години се
фокусира на можностите што ги нуди дигитализацијата како алатка за унапредување
и олеснување на образовниот процес, при што посебен акцент се става на историјата,
музеите и можностите за виртуелно истражување на музеите низ целиот свет. На
овој начин, учениците развиваат дигитални и културни компетенции, како и свест за
важноста на зачувување и промоција на културното наследство.
Во проектот учествуваат партнери од Турција, Грција, Шпанија и Македонија, и
истиот опфаќа четири мобилности во различни земји:
– Првата мобилност се реализираше во Неа Перамос, Грција, каде што беа поставени
основите на проектот и дефинирани целите за идните активности.
– Втората мобилност се одржа во Фигерес, Шпанија, родниот град на прочуениот
уметник Салвадор Дали, каде што учесниците преку низа работилници го истражуваа
спојот помеѓу уметноста, технологијата и образованието.
– Третата мобилност, реализирана во Скопје, Македонија, беше насочена кон
практична примена на дигиталните алатки и создавање на виртуелни музеи преку
различни апликации и платформи.
– Завршната мобилност е предвидена за 2026 година во Константинопол, Турција,
каде што ќе бидат презентирани конечните резултати и виртуелните поставки
создадени во текот на проектот.
Во рамките на проектот активно работат дваесетина ученици од СЕПУГС „Васил
Антевски – Дрен“ и тие се вклучени во сите предвидени активности и обуки. Во
склоп на третата мобилност, во Скопје учествуваа и дванаесет ученици и шест
наставници од партнерските земји. Програмата вклучи повеќе активности и посети поврзани со македонското културно наследство.
Учесниците имаа можност да го посетат Археолошкиот музеј на Македонија и Старата скопска чаршија, каде што се запознаа со богатата историја, традиција и уметност на главниот град.
Особено впечатлива беше посетата на археолошкиот локалитет Стоби, еден од најзначајните антички градови во Македонија. Таму учениците и наставниците од
партнерските земји непосредно се запознаа со духовното и културното наследство на
овој простор и ја согледаа важноста од негово зачувување за идните генерации.
Активностите продолжија со посета на Охрид – градот на безвременската уметност и
традиција, каде што учесниците уживаа во непроценливата убавина на спојот меѓу
природата, историјата и културата.
Проектот M.U.S.E.U.M.S. уште еднаш потврди дека преку програмата Еразмус+ можат
успешно да се обединат образованието, културата и технологијата во заедничка
мисија – создавање на млади, креативни и отворени европски граѓани подготвени за
иднината.
СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ изразува искрена благодарност до Националната
агенција за европски образовни програми и мобилност за континуираната поддршка
и за можноста за реализација на вакви проекти кои го унапредуваат квалитетот на
образованието, културната размена и европската соработка.









































