Планинарско спелеолошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево во сеќавање на својот прерано починат член, планинар и другар Сашо Костадиноски, утре по седми пат го организира Меморијалниот планинарски марш што ќе се реализира на планината Гољак. Гољак е средно висока планина што се наоѓа во кичевскиот регион и ги раздвојува селата на Копачијата и Бржданска река, дел од масивот на Илинска и Плакенска планина.
Највисоката кота на оваа планина е на 1535 метри надморска височина од каде има неповторлив поглед на Кичевската котлина, масивот Челојца-Песјак на исток, Баба Сач, Бушева Планина и Лубен на југоисток, Илинска Планина на југ, Стогово на запад и Бистра на север.
– Планинарско спелеолошкото друштво „Едорфин“ од Кичево, викендов по седми пат го реализира Меморијалниот планинарски марш „Сашо Костадиноски“. Должината на патеката изнесува 14 километри во двата правци а учесниците на маршот ќе треба да совладаат висинска разлика од 680 метри. Според програмата во 6.30 часот ќе има собирање на учесниците на игралиштето во Горно Брждани а 15 минути подоцна старт на акцијата. Околу девет часот групата се очекува да пристигне кај шумската куќарка кај месноста Преслоп на височина од 1.270 метри, каде учесниците ќе имаат пауза од околу 20 минути. Во 9.30 часот е поаѓање кон врвот со кратки попатни одмори, додека во 11 часот учесниците на маршот ќе пристигнат на највисоката кота Веливрв. По еден час учесниците се враќаат на појдовната точка во Горно Брждани, каде се очекува да пристигнат околу 15 часот, каде е организиран заеднички ручек за сите учесници на маршот – истакна Давор Јанкулоски, претседател на ПЕД „Ендорфин“ од Кичево.
Тој напомна дека и покрај екстремно високите температури на овој марш се очекува да земат учество барем педесетина планинари и искачувачи како од градот домаќин Кичево така и од соседните градови. Тој напомна дека секој учесник мора да има психофизичка подготвеност за искачувањето и учествува на сопствена одговорност.