Автор: Д-р Маргарита Ј. Крстеска, специјалист по дерматовенерологија
Под поимот себороичен дерматитис се подразбира воспаление на кожата во регии кои се наречени себороични области (влакнестиот дел на главата, средниот дел на лицето- чело, веѓи околу нос и брада, во пределот на градната коска, горниот дел од грбот, а многу поретко околу генеталиите и анусот). Уште се среќава терминот дисебореа што означува квалитативно или квантитативно пореметување на лојната секреција.
Себороичните регии изобилуваат со лојни жлезди, кои под влијание на одредени внатрешни и надворешни фактори излачуваат големо количество на густ лој кој предизвикува воспаление на кожата.
Во групата на внатрешни фактори спаѓаат: генетска предиспозиција за масна кожа, хормонска активност – поголемото количество на андрогени хормони во пубертетот или падот на естрогените во предменструалниот период, емоционални фактори- стрес и др.
Во групата на надорешни фактори спаѓаат: исхраната – конзумирање на масна и зачинета храна која изобилува со заситени масни киселини, алкохолни пијалаци особено жестоките, и хигиенскиот режим – несоодветно третирање на кожата и скалпот. Себороичниот дрматитис може да биде поврзан со разни болести на органите на репродуктивниот, ендокриниот и нервниот систем. Сето ова резултира со лојна хиперпродукција што е причина за појава на нечиста масна кожа која е зацрвенета влажна и отечена и најчесто препокриена со масни жолтеникави лушпи кои предизвикуваат јадеж.
Болеста може да се сретне во секоја возраст но најчесто се среќава кај новороденчиња и за време на пубертетот.
Кај новороденчињата себороичниот дерматитис се манифестира со бело жолтеникави корички, красти и лушпи по влакнестиот дел од главата – познато како млечна кора на главчето.
Кај возрасните промените се локализирани во централниот дел од лицето, во зоната на веѓите, на границата помеѓу скалпот и кожата од челото. Многу често оваа состојба е пропратена со масен перут во косата. Вака променетата кожа настанува подложна на секундарна инфекција со габички особено со Malassezia furfur која дополнително ја влошува состојбата на кожата.
Лекувањето зависи од возраста на пациентот. Кај новороденчињата покрај зафаќањето на капелициумот и средната линија на лицето ги зафаќа и големите свивања (прегиби) на телото. Најчесто се јавува во првите четири недели од животот. Лекувањето се состои во обезмастување на кожичката со користење на шампони наменети за теменица, размекнување на лушпите со ставање на масло 15 минути пред капењето а после капењето истите се отстрануваат со ситен чешел. Дозволено е користење на кортикостероидни креми – особено од групата на флуорирани кортикостероиди во комбинација со антимикотични креми. Нивната употреба е ограничена и краткотрајна. Кај возрасните доаѓа во предвид покрај кортикостероидните и антимикотичните креми да се користи 2-3% салицилна киселина и резорцин за отстранување на лушпите. Се користат шампони и гелови за лице на база на селен и сулфур кои одлично се справуваат со микотичната инфекција и прават себосупресија. Кај поекстремни случаеви се употребуваат и антипаразитарни препарати во вид на таблети. Сепак при лекувањето крајно внимателно треба да се однесуваме со кортикостероидната терапија. Диеталниот режим се состои во избегнување на масна и зачинета храна, алкохолни пијалаци, јакнење на имунолошкиот систем избегнување на стресни ситуации, регулирање на дигестивните проблеми. Справување со стресот и регулирање на други заболувања доколку се присутни.
Себороичниот дерматитис е застапен околу 10 до 15% од сите прегледи во дерматолошките ординации, што значи дека е често застапен меѓу луѓето. Промените брзо се повлекуваат после спроведената терапија но за жал болеста е рецидивирачка. Од тука прпозлегува дека хигиенодиететскиот режим е битен фактор за справување со болеста.