Нашинците од соседството и од светот
Подготви: Далибор Станковиќ
Во организација на македонското добротворно друштво „Македонија“ во Ешалан, Швајцарија, викендов, во градскиот парк спроти железничката станица во Ешалан се одржа традиционалната трета културна манифестација „Македонски ден“.
На културната манифестација присуствуваа Ѓорѓе Божинов, градоначалник на општината Ново Село, Славе Андонов, градоначалник на општината Василево, Златко Ристов, градоначалник на општината Конче, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски и заменик-министерот за јавна администрација проф. д-р Лазе Јакимоски.
Годинава градоначалникот на општината Конче, Златко Ристов, за првпат присуствуваше на културната манифестација „Македонски ден“. Тој оствари официјална средба со градоначалникот на Ешален, Серж Борник, на која беше претставена општината Конче со целиот нејзин развоен потенцијал, природните убавини, културно-историското наследство, како и гостољубивоста на нејзините жители. Градоначалникот Златко Ристов истовремено оствари средба со претставници на македонски организации и здруженија, заради размена на идеи и иницијативи за зајакнување на врските меѓу Македонците во Швајцарија и матичната земја Македонија во областа на културата, образованието, спортот, туризмот и локалниот економски развој. Спонзор на десертот на културната манифестација „Македонски ден“ беше семејството Левкови, за кое организаторот упати посебна благодарност.
Најстарото македонско добротворно друштво „Македонија“ од Ешалан во Европа и во Швајцарија е симбол на неуморна посветеност, културна издржливост и единство. Основано со љубов кон татковината Македонија и желба за зачувување на македонскиот идентитет, ова друштво успешно го пренесува духот на Македонија низ генерациите далеку оддома.
Неговата енергија и денес е препознатлива – со истата сила со која започна пред повеќе од три децении, продолжува да обединува, да ги негува македонската традиција, јазик, песни и ора, да биде мост меѓу старото и новото, помеѓу корените и иднината. Со голем број настани, културни манифестации и хуманитарни активности, македонското добротворно друштво „Македонија“ останува столб на заедништвото и глас на македонската заедница во Швајцарија и гордо продолжува кон четвртата деценија од постоењето, со работа и љубов кон Македонија!
– Не смееме да заборавиме дека името ни е Македонија, тоа не е само збор, тоа е идентитет, тоа е нашиот македонски јазик, нашата македонска историја, нашата македонска култура, нашата душа македонска – рекоа организаторите на културната манифестација „Македонски ден“.
Повеќе илјади Македонци од сите делови на Европа дојдоа во Ешалан и уживаа во програмата на најголемата културно-уметничка манифестација на Македонците во Европа. Присутните беа расположени, а организаторите првокласни домаќини, доживување што ќе се памети.
Пред публиката настапија музичките интерпретатори Душко Никовски, Александар Темелков и Василија Петрова. Со својот извонреден глас Душко Никовски ги оживеа гласот на бардовите на македонската народна песна Кирил Манчевски, Александар Сариевски и Никола Бадев.
Со сплет на македонски народни песни и ора се претставија членовите на културно-уметничкото друштво „Јане Сандански“ од Ново Село, кои гордо играа, пееја и го вееја знамето на Македонија во срцето на Швајцарија!