Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа традиционалната предновогодишна средба на министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски со семејствата и припадниците на Армијата и министерството кои се во мировни мисии.
Петровска честитајќи им ги претстојните празници на членовите на припадниците и нивните семејства им оддаде признание за придонесот и посветеноста во мировните мисии.
-Cакам да ви порачам две работи – прво ми е многу мило што сте тука и што ќе се видите со вашите родители, а второ и најважно – колку што сме ние горди на нив, толку да бидете горди и вие. Без разлика што сега за овие празници нема да бидете заедно физички, но секако тие многу скоро ќе бидат со вас, ги чекаме да се вратат живи и здрави – рече министерката.
Преку линковско вклучување, нашите претставници од мировните мисии во КФО” – Косово, УНИФИЛ во Либан, Алтеа во БиХ, Мисијата на ЕУ – ЕУТМ во Централно Африканската Република, НМИ во Ирак, Зајакнато истурено присуство (eFP) во Латвија и мисијата Активности на зголемена будност (eVA) во Романија и Бугарија искажаа висока мотивираност и подготвеност за професионално извршување на доделените задачи.
Тие им ги честитаа новогодишните и божиќните празници на своите семејства, но и на сите припадници на Армијата и министерството посакувајќи им здравје, среќа и успех, а на колегите кои се упатени во мировните мисии успешна реализација и безбедно да се вратат дома.
Фото: МО