Во новата, втора по ред осуднителна пресуда за случајот „Титаник 2“ што ја донесе Основниот кривичен суд Скопје, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими од ДПА, како и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ добија по две години затвор за изборни нерегуларности.
Кривичното дело за Мијалков застарува во април годинава ако пресудата до тогаш не стане правосилна, односно ако, доколку има жалби, Апелацискиот суд Скопје не донесе одлука.
Истрагата за овој случај на тогашното Специјално јавно обвинителство почна на 12 февруари 2016, а обвинението беше поднесено на 29 јуни 2017 година. Мијалков и Тачи беа обвинети за договарање за гласање во Државната изборна комисија (ДИК) за приговор поднесен од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Струмица во 2013 година.
Мијалков беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание, а другите беа обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања. Мијалков доби три години затвор, Тачи три години и два месеци, четири години и шест месеци доби Ибраими, а останатите членови на ДИК беа осудени на по три години.