Од историските архиви: 119 години од смртта на војводата Славејко Арсов
По Илинденското востание, Славејко Арсов заедно со многу војводи и дејци на Македонската револуционерна организација заминал во Бугарија, но набргу се вратил во Македонија, каде што го положил својот живот во заседа. Тешко ранет во судир со османлиската армија, сам си го одзел животот и со овој чин се вброил меѓу непокорните македонски херои што останале доследни на идеалот за слобода
Меѓу многубројните македонски великани што го посветиле својот живот за самостојна македонска држава е и Славејко Арсов, припадник на Македонската револуционерна организација (МРО), војвода во Ресенскиот Регион и учесник во славното Илинденско востание.
Кој е Славејко Арсов?
Тој ги прифаќа идеалите за слободна Македонија во 1895 година и најпрво како учител ја шири револуционерната идеја меѓу македонскиот народ. По учителствувањето преминува во илегала и есента 1901 година станува четник во воената формација на војводата Марко Лерински, еден од основачите на Четничкиот институт на МРО.
Во тие бурни години војводскиот „занает“ го изучувал кај Лерински, а агитаторската и организациската дејност ја изучувал од апостолот Гоце Делчев при неговата обиколка на Битолскиот револуционерен округ. Поради интелигенцијата и способностите бил поставен за битолски околиски војвода, а подоцна и во Ресенско, каде што учествува во Илинденското востание.
Проф. д-р Виолета Ачкоска вели дека Славејко Арсов спаѓа во групата образовани македонски четници и војводи, „симпатичен, тивок и деликатен човек“, човек што низ своите сеќавања со неверојатна проникливост зборува за најдраматичните и најнесреќните мигови на големото македонско востание, на големиот Илинден, без идеализации, со сите возвишувања и морални падови и порази.
– Раскажувајќи ја приказната за тоа бурно време од неговиот живот и неговата професионална определба на револуционер пред запишувачот на многубројните македонски патешествија – Љубомир Милетич, тој пренесува слика на огромната волја на народот да му се стави крај на ужасот под Османлиите, народ што бил само морално вооружен, без соодветна воена сила и опрема и без сојузници – посочува Ачкоска.
По Илинденското востание, заедно со многу војводи и дејци на Македонската револуционерна организација заминал во Бугарија, но набрзо се вратил во Македонија, каде што го положил својот живот во заседа. Тешко ранет во судир со османлиската армија, сам си го одзел животот и со овој чин се вброил меѓу непокорните македонски херои што останале доследни на идеалот за слобода.
Ѝ даде сѐ на својата потисната и измачена татковина
За престојот на Славејков во Бугарија по Илинденското востание, Георги Баждаров (македонски револуционер и член на Македонската револуционерна организација) вели: „Тој тука помина неколку месеци, тихо и скромно, без да дига шум околу себе. И мислата дека треба повторно да се врати во својата, за време и по востанието, разорена татковина, никогаш не го напушти. Tаму е нашето место, повторуваше – и таму треба сите да умреме“.
Откако закрепнал, во јули 1904 година Славејко Арсов се вратил во Македонија со задача да ги зацврсти редовите на Македонската револуционерна организација, кои биле ослабени по востанието. Меѓутоа, по влегувањето во Македонија, здружената чета на Арсов, Групчев, Донски и Бабата биле предадени од попот Петруш, од селото Кокошиње. Четите на Арсов и Донски, со околу 28 луѓе, се укрепиле на врвот Лингура кај селото Горно Ѓуѓанци и успеале да ги запрат Турците што ги опколиле.
За овој настан Георги Баждаров вели: „Четите одвај успеале да заземат еден чукар и започнале пукотници“. Судирот траел шест часа, а двете чети командувани од Славејко јуначки се бранеле од нападите на напаѓачите од турската војска. По шест и пол часа Турците го задале последниот решителен удар. Тогаш бил даден знак за отстапување при чести плотуни и фрлање бомби. „Повлекувањето при најнепогодни услови траело половина час“, посочува Баждаров.
„Иако Османлиите употребиле артилерија, сепак четите успеале да го пробијат кордонот. Половината од четниците веќе биле извлечени кога Славко добил тешка рана во ногата; но тој пак продолжил да стрела против Турците, кои веќе се приближиле кон него. Со нападот на кавалеријата добил втора рана во градите и, со малку сила што уште му останала, Славко се самоубива“, пишува Баждаров, кој својот голем пријател и соборец Славејко Арсов го ословува со скратеното име Славко.
При пробивот на обрачот, на 9 јули 1904 година, паднале убиени 15 четници, а меѓу нив и војводата Славејко Арсов, Тодор Арсов, неговиот братучед, Стојан Донски, Кусо Доне од Шлегово, Илија Видинов, ресенскиот војвода Стефан Мешков и други. Во борбата биле убиени 56 турски војници, а 50 биле ранети.
Георги Баждаров за неговата смрт вели: „На Славко не му беше судено да стигне до својот сакан реон, со кој толку спомени го врзуваа. Тој загина на патот кон таму. Со тоа се исполни неговата најголема желба: да ѝ даде сѐ на својата потисната и измачена татковина – да умре за нејзиното ослободување“.
Ликот и делото на Славејко Арсов се опеани во македонската народна песна Во „Излегол Неџип качакот“ е претставена борбата на Арсов со еден качак, а песната всушност е одраз на благодарноста и народното паметење во Ресенско, каде што народот, како речиси и во цела Западна Македонија, бил ограбуван од разбојници. Песната е пример дека војводата Арсов со својата чета го заштитувал македонскиот народ од грабежите на разни разбојнички банди. Песната е објавена од Д. Константинов во „Тука е Македонија, народни комитски песни“ во 1969 година, Скопје.
Извадок од спомената песна во која се опева Славејко Арсов: „Де ѓиди, Арсов војвода, Штом нас нѐ прашаш, опитваш, Право ќе ти кажиме, Тебе не те лажиме, Тука е Неџип качакот, Со двајца тројца другари, Сега ќе овде помине. – Арсов ѝ дава куманда, На неговата дружина: Дружино верна, зговорна, Фаќајте здрава пусија, Тука ќе Неџип помини, Со двајца-тројца другари, Жив да го него фатиме, Со неговата дружина. Дружина Арсов послуша, Здрава пусија фатија.“
Д.Ст.