Од Стејт департментот синоќа испратија честитка по повод Денот на независноста на Македонија. Во меѓувреме, по повод празникот Обединета македонска дијаспора (ОМД) организираше свечено кревање на македонското и американското знаме вп Њујорк.
Во честитката од државниот секретар Ентони Блинкен се вели:
– Од името на Соединетите Американски Држави, честитам на македонскиот народ 33 години од независноста и историскиот избор на вашата прва жена претседател. Го цениме нашето силно партнерство со Северна Македонија фокусирано на градење на просперитетна демократија закотвена во евроатлантската заедница – порача тој.
Понатаму, во честитката се додава дека заедничко на американскиот народ и народот на Северна Македонија е „посветеноста на демократските вредности“.
– Американскиот народ и народот на Северна Македонија споделуваат посветеност на демократските вредности. Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата заедничка работа за промовирање на тие вредности, зајакнување на безбедноста и стабилноста и продлабочување на економските врски во регионот. САД ќе продолжат да го поддржуваат нашиот сојузник, Северна Македонија на нејзиниот европски пат во годините што следат – изјави Блинкен.
Покрај честитките од Стејт департментот, огранокот на ОМД во САД орзанизираше настан во соработка со градот Њујорк а по повод Денот на независноста на Северна . Македонија. Настонот се состоеше со кревање на македонското и американското знаме и интонирање на македонската химна на Вол стрит во Њујорк.