Фото: Ка. М

„Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиовска, во режија на Кристина Димитрова, е новата претстава што театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе утревечер од 20 часот на Сцена 105 во ЦК „Марко Цепенков“. По тој повод денеска се одржа прес конференција на која беа соопштени подетално информациите за претставата.

Марија Попова Јованоска, директор на ЦК „Марко Цепенков“, посочи дека дека поддршката на медиумите е многу значајна за да стигне уметноста  до публиката.

– Ова е прва премиера за 2026 година поддржана од Министерството за култура и туризам. Годинава ќе реализираме уште четири нови премиери со поддршка на Министерството за култура и туризам. Претставата се подготвуваше  во простор кој овозможува поинтимен и пофокусиран пристап. И благодарам на екипата за вложениот труд. Пред публиката ќе донесеме современа и интимна театарска претстава, која ќе ги натера гледачите да размислуваат за времето,  за животот, за промените – рече Јованоска.

Михајло Миленкоски, раководител на театарот „Војдан Чернодрински“ истакна дека оваа текстот е  праизведба.

– Горд сум што текстот е праизведба. Како театар и ансамбл, а и сите театри треба да ги поддржуваат македонски автори, да се ставаат на репертоарите, бидејќи тоа е дел од нашата култура, нашиот идентитет – рече Миленкоски, соопштувајќи ја екипата што е дел од претставата.

Режисерката Кристина Димитрова истакна дека по неколкугодипно барање да се постави текстот на театарска сцена, конечно своето место го најде на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“.

–  Без македонска драма нема македонски тетаар. Не само една туку повеќе драми од македонски автори треба да поставуваат театрите. Конечно имав шанса да поставам македонски современ текст, напишан 2020 година. Интересен, бидејќи се работи за млад брачен пар, кој е долго заедно, а живеат во различно време. Многу беше интересно да се работи на тема време и на други поттеми љубов, осаменост… -рече Димитрова.

Авторката на текстот Лидија Митоска Ѓорѓиовска, која воедно е и драматург, рече дека е многу среќна што се постави текстот на сцената и дека е горда што екипата во „Саатот„ го задржала секој збор.

-Чувствотата ми се  измешани. На моменти сум прегорда, на моменти барав да се смени нешто во претставата. .Откако заврши процесот се чувствувам лесно и исполнето – рече авторката.

Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, додека за музиката беа задолжени Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. Во претставата играа Филип Јездиќ како Саатот, Димитар Ѓорѓиовски (Јован) и Наташа Ачански (Вера) со вокалната придружба на Ана Митоска.

За актерите било предизвик да играат претстава работена по современ македонски текст.

 

Ка.М.