Фото: МСМЈЛК

Свечено отворена јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Расте интересот за изучување на македонистиката на странските универзитетски центри. На јубилејната, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) има најголем број учесници последниве години. Покрај учесници од земјите во коишто се изучува македонистиката, годинава има учесници и од земји чиишто универзитети може во иднина да станат нови центри каде што ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. Мисијата на МСМЈЛК при УКИМ е од суштинско значење за државата.

Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ова меѓу другото беше истакнато денес, на свеченото отворање на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, којашто се одржува во Охрид и ќе трае до 2 септември. На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

– Сѐ додека има говорници на еден јазик тој ќе постои. Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува. Затоа секој во рамките на своето опкружување, во својот дом, во професионалната средина, на местото на разонода, спортување, на културни настани, во духовните храмови, кога размислуваме и беседиме, да глаголиме на македонски и на тој начин да го шириме универзумот на македонскиот јазик – истакна во своето обраќање, претседателот Пендаровски.

Стево Пендаровски/Фото: МСМЈЛК

Обраќајќи им се на семинаристите на Школата, тоeј посочи дека очекува Семинарот да ја зајакне нивната лингвистичка врска со нашата земја, литература и култура, но и со македонските граѓани. Како што нагласи, учесниците на Летната школа градат трајни мостови кои ги поврзуваат луѓето, народите и културите и чест и задоволство за нас е што токму македонскиот јазик е сврзувачката нишка за многумина од нив кои им припаѓаат на различните држави и култури.

– Во универзумот на македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина, да го цитирам Конески, се вградени ставовите, погледите, чувствата, идеите на нашите предци, на нас самите и на нашите идни поколенија. Среќни сме што пет и пол децении македонскиот јазичен универзум посветено и со отворено срце го посетуваат илјадници добронамерници оставајќи ги своите траги и траен придонес – нагласи претседателот Пендаровски.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски ја истакна бројноста на учесниците на Школата и на земјите од коишто тие доаѓаат. Тој изрази задоволство што преку програмата на ова исклучително значајно, јубилејно издание на Летната школа, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат ќе се вклучат во програмските активности на МСМЈЛК.

– Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот – истакна ректорот на УКИМ.

Проф. д-р Никола Јанкуловски/Фото: МСМЈЛК

Јанкуловски и нагласи дека во 73-годишнината на УКИМ, цврсто е вткаена и оваа 55-годишнина на МСМЈЛК.

– Чекориме исправено по стапките на Конески. И колку се посилни нападите, колку се пониски навредите упатени на адреса на македонскиот јазик, литература и култура, толку сме поисправени како високообразовна и научна институција којашто ги негува и развива македонскиот јазик, литература и култура, којашто образува кадри на македонски јазик, порача ректорот на УКИМ во завршницата на своето обраќање.

Семинаристите на Школата и сите присутни на отворањето, срдечно ги поздрави и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска.

– Ние, 55 години како МСМЈЛК неуморно го браниме и народниот и стандардниот македонски јазик. Ние 55 години го пренесуваме и духот на нашите претходници и им ја всадуваме љубовта кон тој наш јазик на странските македонисти. Ако ја прифатиме мислата на Видгенштајн која гласи: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот.“, тогаш, и границите на македонскиот јазик преку вас, изучувачи на македонскиот јазик од 17 земји на оваа 55. Летна школа, како и на сите досега 55 летни и 2 зимски школи, се поистоветуваат со границите на светот, порача меѓу другото, Мојсова-Чепишевска во своето обраќање.

Весна Мојсова-Чепишевска/Фото: МСМЈЛК

Таа и потсети на фактот за суштинското значење на Школата и воопшто на влогот во странските македонисти и работата на МСМЈЛК за државата.

– Ова е кажано многупати досега, но нужно е да се повтори и овојпат, оти е факт којшто не смееме да го заборавиме. Тој укажува на обврската и одговорноста којашто ја имаме и ние како Семинар, и на сите чинители на нашата општествена и политичка стварност, особено на оние од коишто ни е неопходна поддршка за остварувањето на нашите заложби – нагласи директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Мојсова-Чепишевска им посака успех на семинаристите – посветеници на македонистиката, осврнувајќи се и на програмските содржини на Школата.

На отворањето беа промовирани и нови изданија на МСМЈЛК при УКИМ.

Фото: МСМЈЛК

Веќе утре, по отворањето ќе се одржи и првото предавање, а семинаристите веќе следат и лекторска настава, со над 50 часа до крајот на Школата. Покрај наставата, во текот на Школата се предвидени и промоции на книги, учества на семинаристите на културни манифестации итн.

Како што беше истакнато на отворањето, Летната школа се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, а годинава за првпат и со финансика поддршка од Министерството за образование и наука, а дел од програмските активности се под покровителство на Општина Охрид и Општина Вевчани. Годинава, за првпат, со поддршка за Школата се вклучија и општествено одговорни компании. На отворањето, од страна на директорката, Мојсова-Чепишевска, од името на МСМЈЛК при УКИМ беше упатена благодарност до сите овие фактори коишто ја препознаваат важноста на Летната школа.