Фото: Пекселс

Овој вирус се пренесува преку директен контакт и преку капков пат (кашлање, кивање). Оттука, сосема е разбирливо што најподложни на инфекција се децата кои престојуваат во затворени и непроветрени простории

Автор: Прим. д-р Абдулхади Шишко, педијатар

Респираторниот синциален вирус (РСВ) предизвикува инфекција на респираторниот тракт, која вообичаено се манифестира во облик на настинка. Меѓутоа кај децата (како највулнарабилна група) може да биде проследен и со потешка клиничка слика (како бронхиолитис или пневмонија).
Во САД меѓу 58.000 и 80.000 деца до петгодишна возраст се хоспитализираат годишно поради тешка инфекција со овој вирус. РСВ инфекцијата е со сезонски карактер. Таа во Европа и во САД се јавува меѓу ноември и април, со тоа што пикот го достигнува кон средината на зимата. Анти-ковид мерките доведоа до тоа да се намали бројот на инфекции од овој вирус. Така, на пример, во САД бил забележан драстичен пад на бројот на инфекции во 2020 година и дел од 2021 година. Меѓутоа во летото во 2021 година забележано е нагло зголемување на бројот на инфекции, со тоа што скоро секое второ дете до двегодишна возраст било подложно на РСВ-инфекција.

Иако оваа инфекција е вообичана за втората година од животниот век на децата, познати се и случаи кога со РСВ се инфицираат деца стари и само неколку недели. Подложни на оваа инфекција се и предвреме родените бебиња во тек на првата есенско-зимска сезона од нивниот животен век, како и хронично болните деца.

Како се пренесува вирусот

Овој вирус се пренесува преку директен контакт и преку капков пат (кашлање, кивање). Оттука, сосема е разбирливо што најподложни на инфекција се децата кои престојуваат во затворени и непроветрени простории, како што се на пример градинките.

Симптоми

Симптомите на РСВ инфекција се јавуваат 2-8 дена по контакт со вирусот. Инфекцијата може да се манифестираат со лесна клиничка слика (симптоми слични на настинка): намален апетит, малаксаност, течење и/или конгестија на нос, кашлица (сува или влажна),
фебрилност (која не мора секогаш да се јави).
Меѓутоа, ваквите симптоми може да се влошуваат и дополнително да се јави: апнеа/диспнеа, назално треперење, интеркостално вовлекување, свиреш при вдишување (wheezing) и др. Ваквата клиничка слика резултира со компликација и појава на бронхиолитис и бронхипоневмонија, при што најзагрозена група се доенчињата и малите деца.

Како се дијагностицира

Најчесто дијагнозата на РСВ-инфекција се поставува според клиничката слика, физикалниот преглед, лабораториските иследувања, изведување на назален брис за да се потврди присуството на РСВ, рентген на граден кош кај покомплицираните случаеви. Поради тоа што повеќето од децата РСВ-инфекцијата ја поминуваат со лесна клиничка слика, најчесто ваквите дополнитени иследувања не се потребни.

Терапија и третман

Американската Академија за педијатрија препорачува бронхиолитите предизвикани од вирусна инфекција да се третират со супортивна и симптоматска терапија која вклучува:
добра хидрација/рехидрација доколку детето е дехидрирано и одбива да јаде, добра тоалета на нос, следење на телесната температура и евентуален антипиретик доколку телесната температура достигнува до 38,5 степени Целзиусови, кислородна поддршка (доколку детето манифестира знаци за дистрес и има потреба за хоспитален третман).
Препорачува да не се користат бронходилататори како рутинска терапија, меѓутоа може да се земат предвид доколку се приметува сигнификантен клинички одговор. Од друга страна и администрацијата на кортикостероиди во која било форма не се препорачува, затоа што повеќето студии покажуваат дека нема кратење на хоспиталните денови кај доенчињата кои биле третирани со кортико-препарат. И системски антибиотик не треба да се применува, освен ако не постои истовремена бактериска инфекција или силно сомнение за тоа.

Може ли да се заштитат децата

Често поставено прашање од родителите е како да ги заштитат нивните деца од РСВ?
Во новата ера на ковид 19 инфекција во периодот 2020-2021 година поголем дел од родителите се придржувале на превентивните мерки, кои резултирале со намалена инциденца на РСВ инфекција во САД, за после тоа стапката на инфекција да се зголеми веројатно поради прекин на примена на превентивите заштитни мерки.
РСВ инфекцијата се пренесува како сите други вирусни инфекции, со директен контакт лице на лице. Влегува во телото преку носот или очите, и се шири преку слуз, назален секрет и плунка. Знаејќи го ова, и превентивните мерки за РСВ инфекција ги вклучуваат истите мерки за превенција на сите вирусни инфекции како:

-често миење на рацете со сапун и вода, оддржување на социјална дистанца, избегнување на близок контакт со болно лице, чистење, дезифекција и проветрување на просториите, дезинфекција на играчките на детето итн.

За разлика од ковид 19 или инфлуенца вирусите, се уште нема вакцина за РСВ, меѓутоа она што е актуелно, и препорака на Американската Академија за педијатрија и Центарот за контрола на болести, употребата на моноклинални антитела ( Palivizumab) како профилактична терапија, особено кај многу предвремено родени деца и деца со други придружни коморбидитети, со цел да се намали стапката на хоспитализација од тешка клиничка слика на РСВ инфекција за време на сезоната 2022-2023.