Фото: Маја Јаневска-Илиева

РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА, ЕДЕН ОД ДВАНАЕСЕТТЕ ГОЛЕМИ ПРАЗНИЦИ ВО ПРАВОСЛАВИЕТО

Според Евангелието, Мајката Божја (Богородица) е родена во Назарет, во тогашната покраина Галилеја, од стари и бездетни родители, благочестивите Јоаким и Ана, како одговор на нивните молитви. Притоа, тој им подари не обична ќерка, туку им ја даде онаа што ќе стане Божја Мајка

Живко Здравкоски

Македонската православна црква–Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и верниците денеска го одбележуваат големиот христијански празник, Раѓањето на Пресвета Богородица, празник што се нарекува, односно е познат и како Мала Богородица. Рождество на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте големи празници во православието. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар. Во православието, Мајката Божја, Марија, е најпочитуваната светица. Мала Богородица е првиот голем празник во новата црковна година, која започнува на 1 септември, според првиот, односно на 14 септември според вториот календар.

Според Евангелието, Мајката Божја (Богородица) е родена во Назарет, во тогашната покраина Галилеја, од стари и бездетни родители, благочестивите Јоаким и Ана, како одговор на нивните молитви. Притоа, тој им подари не обична ќерка, туку им ја даде онаа што ќе стане Божја Мајка, ги озари не само со привремена радост туку и со вечна зашто нивното чедо – Марија, мајката на благодата и на милоста, постана храм на вечноста, бидејќи преку неа Самиот Бог се облече во човечка природа.

Тие, не заборавајќи дека Бог на посебен начин им го дал детето, ја дадоа Марија да се воспитува во Ерусалимскиот храм до времето кога му стана свршеница на праведниот Јосиф, т.е. кога Бог одреди да ја прими благата вест од Светиот Архангел Гаврил дека, од нејзиното пречисто и девствено тело, ќе го роди Синот Божји, Спасителот на светот, вели преданието на Црквата за Рождеството на Пресвета Богородица.

Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца.
Култот на Пресвета Богородица има значајно место и кај македонскиот народ. Во Македонија има многу црковни храмови што го носат името Рождество на Пресвета Богородица, како што се: Ново Лисиче (Скопје), Центар (Скопје), Битола, Новаци, Бач (општина Новаци), село Тепавци (општина Новаци), село Канино (близу Битола), село Лопатица (близу Битола), близу селото Согле (Општина Чашка), село Горни Манастирец, Берово, село Скачковце (до Куманово), Бориево (општина Босилово), село Богородица (близу Гевгелија), село Штавица (близу Прилеп), Бегниште (близу Кавадарци), Крушица, Ињево (близу Радовиш), село Шешково (близу Кавадарци), село Сливница (во Преспа), Подареш (на планината Готен), Кадино Село (близу Прилеп), Мал Радовил (близу Прилеп), Калишта (близу Струга), село Велестово (близу Охрид)…

Во спомен на раѓањето на Пресвета Богородица уште од старо време бил одреден црковен празник. Уште во четвртиот век рамноапостолната царица Елена изградила храм во чест и спомен на раѓањето на Мајката Божја.

Следниот ден по Мала Богородица, 22 септември, МПЦ-ОА го празнува споменот на нејзините родители Јоаким и Ана.