Фото: Зоран Антоски

И покрај надежите на граѓаните на Кичево дека по 30 години конечно ќе биде завршена новата болница, сепак нивните очекувања не се остварија а тие и понатаму ќе мораат здравствените услуги да ги добиваат во болничка зграда изградена пред 90 години и каде што не се задоволени ни минимум стандардите за една здравствена установа.

Чекалниците наликуваат на вистински отпад за стар мебел и други предмети, а и специјалистичките ординации, кои во најголем број се во оваа зграда, не изгледаат ништо подобро, бидејќи истите се затоплуваат со ќумбиња во простории со 3 метри високи плафони.

-Условите кои што владеат во нашата болница се под сите стандарди за една ваква установа и под секакво човечко достоинство. Во чекалниците можат да се забележат купишта стар мебел исфрлен од некои канцеларии, а самите чекалници се со прокиснати плафони и со години неваросани. Каблите од струјата висат над нашите глави и сето тоа наликува на објект од некоја заостаната земја. Безброј пати се пишувало и зборувало за големи инвестиции во здравството и ако еднаш се посети кичевската болница, тогаш ќе ви стане јасно дека овие квалификации не важат за оваа установа. Се чини здрав да дојдеш, болен ќе се вратиш од промаите што ги има на сите страни и од хигиената која е на ниско ниво- се пожалија група пациенти кои деновиве ги сретнавме во овие чекалници.

З.А.