КИЧЕВО
Измина цела година откако коронавирусот од корен им го промени животот на сите граѓани, а поради опасниот вирус престанаа со работа и четирите културно-уметнички друштва од Кичево, КУД „Бисер“, КУД „Нико Пусоски“, КУД „Кочо Рацин“ и КУД „Младост“. Kако што одминува времето, така се намалува и трпението кај младите игроорци од сите друштва, кои сакаат да му се вратат на секојдневието и да работат.
– Како поминуваат месеците така нашите игроорци стануваат сѐ помалку трпеливи и покрај пандемијата на ковид-19. Инсистираат да тренираат со почитување на мерките пропишани за неширење на коронавирусот. Тие предлагаат да работат макар и на отворено, за да ја одржат кондицијата и да не ги подзаборават повеќето кореографии, на голем број македонски ора и сплетови, кои одлично ги познаваат – истакна Младен Ванчоски, претседател на друштвото „Бисер“.
Поради сериозноста на пандемијата, вратени се и средствата на Министерството за култура, наменети за учество на фестивал во Турција, за 2020 година на КУД „Бисер“.
– Бидејќи во нашата програма за 2020 година беше планирано и гостување на реномираниот фолклорен фестивал во Измир, Турција, каде што учествуваат најпознати ансамбли од светот, средствата за оваа намена што беа префрлени на нашата сметка ги вративме во Министерството за култура и го откажавме учеството на овој фестивал од гореспоменатите причини. Инаку, учеството на фестивалот ќе го реализираме во време кога состојбите со ковид-19 на пошироките европски простори ќе се нормализираат – додаде Ванчоски.
Младите игроорци, од кои голем дел се средношколци, имаа желба неодењето на настава да го пополнат со тренинзи во фолклорните ансамбли.