ОХРИД

Општинскиот електромашински училиштен центар „Св. Наум Охридски“ доживеа речиси целосна реконструкција и обнова. Во 2019 година со поддршка на Министерството за образование беа обновени прозорците и дел од покривната конструкција, а во 2020 година беше завршена обновата на покривот и комплетно беше реконструирана фасадата, со што училиштето доби сосема нов лик. Сега се во тек работите на реконструкцијата на спортската сала и на спортските терени, па со тоа ова училиште го добива целосниот модерен и функционален училиштен центар со сите погодности за изведување квалитетна настава. Премиерот Зоран Заев изврши увид во обновата на спортската сала и спортските терени.
– Ова училиште, како партнер на програмата за дуално образование, има посебно место во нашиот образовен систем со оглед на фактот што за оваа новина во нашето образование посветуваме посебно внимание за да биде целосно и успешно имплементирана – рече тој.

Oпштина Охрид ги реновираше сите училници, кабинети и канцелариски простории, а со цел да се овозможи поголема функционалност на онлајн часовите за учениците од ова средно училиште беа набавени 20 нови десктоп-компјутери.
Беше пуштена во употреба и улицата 15. Корпус, која е важна сообраќајница во градот. Проектот за реконструкција опфати замена на атмосферската канализација и поставување нов асфалт на коловозот и комплетно уредување на пешачките и велосипедските патеки од двете страни на улицата. За реализација на овој значаен проект, Општина Охрид издвои 30 милиони денари од општинскиот буџет, а преостанатите средства во износ од 28 милиони денари се обезбедени од ЈП „Државни патишта“. Градоначалникот Константин Георгиевски кажа дека Охриѓани, но и гостите што пристигнуваат во Охрид од овој приод кон градот, многу добро се сеќаваат во каква руинирана состојба била оваа улица.

– Ценејќи ги вистинските и приоритетни потреби на граѓаните, но и на фирмите што гравитираат во овој дел на градот, одлучивме да го реализираме овој голем проект. Паралелно со реконструкцијата на оваа значајна сообраќајница, во завршна фаза е уште еден голем и сложен инфраструктурен проект, а тоа е реконструкција на улицата Абас Емин – рече тој.