БОГОРОДИЦА
Домот на културата „Македонија“ – Гевгелија во својата Програма на културни настани за 2020 година синоќа запиша уште една манифестација со прекрасен повод – чествување на Рождеството на мајката божја.
По повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, пред црквата посветена на Пресвета Богородица во селото Богородица, Општина Гевгелија, домот на културата „Македонија“ организираше концертна вечер на чалгиска и традиционална музика, како и изложба на дваесетина најдрагоцени реплики икони фрески и плаштеница од Бигорскиот манастир, по повод прославувањето 1.000 години постоење на овој манастир. На концертот на чалгиската и традиционална музика настапија оркестарот при ансамблот за традиционална музика и игра (АТМИ) „Митко Алексов“ од Кочани и Тијана Јаневска (вокал).
Целиот настан се одвиваше според потребните протоколи за заштита од пандемијата на ковид-19, а тоа е носење заштитна маска, дезинфекција на раце и држење дистанца.
Ристе Ѓорѓијев, уметничкиот директор на АТМИ „Митко Алексов“, им се заблагодари на Општина Гевгелија и на домот на културата „Македонија“ за поканата и за тоа што го препознаа квалитетот на нивниот ансамбл. Концертот можеше да го проследат во живо сите љубители на традиционалната музика на фејсбук-страницата на АТМИ „Митко Алексов“.