Центарот е посетен и oд активни фудбалери, актери, пејачи и други познати личности / Фото: Зоран Антоски

Кичево

Спортско-рекреативниот центар „Крушино“ се претвори во вистинско попладневно собиралиште на младите, но и на повозрасните од Кичево. Помеѓу присутните можат да се забележат и повеќемина активни фудбалери, актери, пејачи и други познати личности, но и обични граѓани, кои по долгиот престој во затворено имаат потреба да се рекреираат и да уживаат во прегратките на боровата шума. Се користи секој убав сончев ден за да се посети ова место, кое е уште пополно за време на викендите. Крушино традиционално беше најпосетено почнувајќи од рана пролет до доцна есен, но овој период е попосетено од кога било досега.
Откако температурите во земјава значително се зголемија, а поради коронавирусот се затворени училиштата и факултетите, СРЦ „Крушино“ се претвори во вистинско собиралиште на оние што сакаат да спортуваат и да се рекреираат. Од претпладне до доцна попладне Крушино врие како во кошница.

Граѓаните до ова излетничко место, оддалечено само три километри од градот, пристигнуваат пеш, со велосипеди, мотоцикли и автомобили и голем дел од присутните што не може толку често да се сретнат во градот, голема е веројатноста да бидат токму тука во Крушино.
– Традицијата во текот на пролетта и летото во попладневните часови да се престојува во СРЦ „Крушино“ продолжува и годинава. Како што може да забележите присуството на рекреативци е огромно, а причина за многубројното присуство е пандемијата, поради што учениците и студентите се слободни, па затоа бројката на посетители е толку голема. Крушино е вистинска мамка и во услови кога терените недоволно се одржуваат, а што ли ќе се случеше ако условите беа подобри. Тогаш сигурно ќе имаше и гости од страна и овој центар ќе беше вистинско средиште за одмор и рекреација во наредните неколку месеци – вели Раде Стојаноски, рекреативец од Кичево.
Помеѓу присутните во Крушино можат да се забележат многу познати личности, но и обични граѓани, кои едноставно само сакаат да уживаат во убавата природа и чистиот воздух.

– Огромната посетеност на Крушино се должи на повеќе фактори. Најважно е секако близината на центарот, немањето други погодности во и крај градот и затоа претежно младите како единствена алтернатива ја имаат секојдневната посета на Крушино. Големата посетеност на центарот ќе трае до септември и до првите студени денови на октомври, кога поради надворешните фактори овој центар ќе станува сѐ попразен и попразен – вели Владимир Вренцоски, редовен посетител на центарот.
Оние што дошле да спортуваат или да ги вратат својата кондиција во СРЦ „Крушино“ ја користат можноста да симнат и понекој килограм. Некои велат дека тоа е важно пред заминување на годишен одмор во некое летувалиште во земјава или во странство, а тоа ни го признаа и неколку возрасни дами, кои штотуку ја завршија попладневната рекреативна тура. Но она што исто така паѓа в очи и како да стана тренд, е што сопственици на расни кучиња во центарот пристигнуваат во друштво на своите миленици со кои заедно уживаат во природата.