КИЧЕВО

Еден од најгорливите проблеми што со години ги мачи граѓаните на Кичево е многубројното присуство на кучињата скитници во нивниот град, од кои во изминатиот период настрадале поголем број негови жители. За да се надмине овој проблем, Општина Кичево последните неколку години вложува континуирани напори и организира кастрирање и чипирање на кучињата скитници, а оние што се многу агресивни или болни се еутанизираат.
– Од пред неколку дена првпат сме ангажирани на решавање на проблемот со кучињата скитници во Општина Кичево. Во нашата активност во овој град ги заловуваме кучињата скитници, им вградуваме поткожен чип, ги нумерираме, вакцинираме и кастрираме. На оние кучиња што се екстремно агресивни или се болни, им вршиме еутаназија. Се еутаназираат 10-15 проценти од сите заловени кучиња. На сите кучиња им се отвора лична карта, од каде што може да се провери нивната бројност, како и идентификација. Ако во некоја група има поголем број агресивни кучиња, некои од нив се преселуваат на друго место или, во краен случај, и тие се еутаназираат. Во Кичево има околу 260 кучиња скитници. Имаме доволно искуство и квалитет соодветно да одговориме на зададената обврска – рече Игор Цветковски, ветеринар во ветеринарната амбуланта „Зебра-ветерина“.
Тој е согласен со нашиот заклучок дека во повеќето градови проблемот го отежнува приливот на нови кучиња скитници од страна, чија бројност и здравствена состојба допрва треба да се утврдуваат.
– Кичево денес не е единствениот град каде што во текот на годината има прилив на нови кучиња скитници транспортирани од други региони. Овој неконтролиран прилив на нови кучиња скитници придонесува за релативно краток временски период нивната бројност драстично да се зголеми, што е причина за нови проблеми и влошување на состојбата – додаде д-р Цветковски.