КОЧАНИ

Напредуваат активностите за реконструкцијата на плочникот во Трговскиот центар. Градежните работници на изведувачот „Исток мермер“ едновремено поплочуваат на четири страни од површината опфатена со реконструкцијата.

– Завршени се повеќе од 60 отсто од градежните работи. Претстои вградување на решетките за атмосферска вода и поставување на клупите. Ако дозволат временските услови, со ваква динамика, до средината на февруари ќе финишираме со нашите задачи – соопшти Васил Гошевски од компанијата „Исток мермер“ од Долни Подлог.
Просторот опфатен со реконструкција ќе биде осветлен со вградени подни ЛЕД-светилки и рефлектори. Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ќе го озелени и хортикултурно ќе го облагороди земјениот дел.

Со реконструкцијата на плочникот во Трговскиот центар е опфатена површина од 2.800 квадратни метри. На местото на претходно отстранетите бетонски плочки се поставуваат гранитни, нелизгави плочки.

Со новото инфраструктурно решение, Трговскиот центар ќе добие функционалност, поголема слобода во просторот и урбан амбиент. Комплетирањето на овој простор ќе се обезбеди и со новото детско игралиште, јужно од павилјонот, за чија изградба во тек е јавна набавка.