БИТОЛА
Сезоната на полагање на матурските испити, средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ во Битола ќе ја дочека во нови услови. Учениците ќе полагаат матура во комплетно реновирани простории, со ново осветлување.
На средбата со директорот на училиштето Александар Цветковски, градоначалничката беше запознаена со преземените реконструктивни зафати во училиштето. Изминатиот период во училиштето целосно беше извршена реконструкција на електричното осветлување, по што е поставено ново енергетски ефикасно лед-осветлување. Комплетно е саниран паркетот во училиштето, а во одредени училници е поставен нов паркет.
Тринаесетте училници ќе добијат и нова внатрешна дограма, со што се затвора ликот на современи училници за изведување на наставниот процес. Инвестицијата на реконструктивните зафати во училиштето изнесува над 1,1 милион денари.
Градоначалничката Петровска посочи дека останува доследна на реализацијата на програмата за работа, во која условите за настава на учениците мора постојано да се подобруваат и надградуваат, преку предвидените реконструкции, санации, редовно и тековно одржување на основните и средните училишта и надградба со нагледните средства за работа.