Во Прилеп денеска, во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Воведување на национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД) кој го спроведува ФАО во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), се одржа регионална работилница за подигнување на јавната свест за консолидација на земјоделско земјиште. Работилницата е почеток на овогодинешната кампања за консолидација на земјоделско земјиште која ќе трае во наредните два месеци.

Учесниците се информираа за принципите и постапките за консолидација на земјоделско земјиште во согласност со Националната стратегија за консолидација на земјиште (2012-2020) и Законот за консолидација на земјоделско земјиште, како и за тековните активности во рамки на проектот МАИНЛАНД. Исто така на работилницата стана збор и за тоа како да се аплицира на повикот за изразување интерес за проекти за консолидација на земјиште кој ќе биде отворен од денеска и ќе трае во текот на март и април.

Следните работилници за подигнување на јавната свест за консолидација на земјоделско земјиште ќе се одржат во Куманово и Струмица, а кампањата ќе продолжи и на локално ниво, каде што проектниот тим, заедно со претставници на МЗШВ, ќе посетат неколку целни заедници, вклучително и Кривогаштани, Старо Нагоричане, Босилово…, со цел да помогнат при изборот на нови 12 потенцијални области за консолидација на земјиште во земјата.

Проектот финансиран од Европската Унија „Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште” – или MAINLAND – го спроведува Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) за да обезбеди поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020година.

Буџетот е 2,56 милиони евра и ќе трае 3,5 години. Главната цел е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Ка.М.