Подобар подарок за 70-годишниот роденден, Државниот архив и Одделението во Битола не можеа да посакаат. Тој роденденски подарок стигна минатата година од преку Атлантикот, поточно од Вашингтон. Иако најголемиот број документи во битoлскиот архив се од периодот по Втората светска војна, постои и архивски материјал со многу важни податоци за политичката, културната и стопанската историја на подрачјето на општините за кое е надлежно, како и пошироко за периодот до 1944 година, но сепак еден документ зазема посебно место во Збирката пергаменти на староеврејски јазик во битолскиот архив.
Иако тие документи во архивот се наоѓаа(т) уште од 1957 година, дури од пред една година, поточно од 2020 година, е позната вредноста на пергаментите, напишани во 15 век на стар еврејски јазик. Откако во 2019 г. беше остварена комуникација од страна на директорот на Државниот архив, д-р Емил
Крстески, и в.д. раководителот на Одделението во Битола, Гоце Стојановски, со д-р Стивен Ф. Сејџ, кој работи во Меморијалниот музеј на холокаустот во САД, со седиште во Вашингтон, е утврдена вредноста на пергаментите што се чуваа(т) во архивот.
Д-р Стивен Ф. Сејџ со помош на професорот од Американскиот универзитет во Вашингтон, д-р Гершон Гринберг, професор по филозофија и религија, по повеќемесечна работа успеа минатата година во целост да ги обработи четирите пергаменти, кои се најстарите документи во Одделението во Битола. Наодите од професорите ги потврдија овие пергаменти како втори најстари пишувани документи во Република Македонија веднаш по Евангелието по Лука, кое е од 12 век и се чува во Централното одделение во Скопје.
Станува збор за пергаменти што по пат на откуп се наоѓаат во Државен архив – Одделение во Битола уште од 1957 година и не беше во целост позната содржината на истите тие, а периодот кога се создадени беше претпоставка. Во врска со овие наоди, в.д. раководителот на Државниот архив во Битола, Гоце Стојановски, изјави дека првите два пергамента се дел од Тора, односно од Петтата книга Deuteronomy (Devarim) или Второзаконие, а другите два се Хафтора (Haftarah) литургиски придружник на Тората што се рецитира во синагога.
– Според сознанијата, ракописите се направени од Сефардите, Евреи, протерани од Пиринејскиот Полуостров за време на шпанската инквизиција. Она што произлезе од ова истражување е дека овие ракописи потекнуваат токму од Пиринејскиот Полуостров, поточно од Португалија, и биле пишувани во континуитет од 13, па до 15 век. Ваквите наоди на професорот се поткрепени со повеќе историски факти и анализи, користени се извори од Хебрејската колекција во Конгресната библиотека, како и напредни технологии – рече тој.
Според него, ова е едно значајно откритие за Одделението на Државниот архив во Битола, кое на јавноста ѝ се презентира токму оваа година кога на 1 април прославува 70 години постоење.
– Во моментов работиме и на одбирање на архивскиот материјал што ќе биде дел од една изложба што планираме да се реализира во тековната година, но развојот на настаните предизвикан од пандемијата нѐ принуди да работиме во специфични услови и организирањето на ваквите настани, за жал, зависи и од тие фактори – нагласи Стојановски.
Одделението на Државниот архив во Битола, во својата богата архива располага со 916 фонда и 25 збирки. Библиотеката располага со над 5.000 книги, на македонски, бугарски, грчки, турски, српски, романски, француски и англиски јазик, 163 наслови на списанија и 155 наслови на весници. Во таа богата архивска библиотека, архивот располага со многу значајни документи, книги, списанија, но посебно место заземаат четири пергаменти со својата историска вредност.