Владата пристапува со внимание и сериозност кон комплексните состојби со кои се соочува светското природно и културно наследство во Охридскиот регион години наназад, истакнуваат во соопштение од владината прес-служба откако денеска проструи веста дека УНЕСКО препорачува Охрид да се стави на листата на загрозено светско наследство.
– Долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за езерото и националниот парк беа причина УНЕСКО да испрати мониторинг мисија во април 2017 година. Од почетокот на својот мандат, Владата активно се посвети на решавање на проблемите во регионот, во соработка со општините и граѓанскиот сектор – стои во владиното соопштение.
Во него се додава дека предлог одлука на УНЕСКО која не е финална, треба да биде стимул за сите институции и за граѓаните да се работи со поголем интензитет за да го зачуваме нашето уникатно светско наследство.
– Владата смета дека е остварено поместување во исполнување на препораките, и дека рајната одлука треба тоа јасно да го рефлектира. Преостанува уште работа и во наредниот период фокусот ќе биде ставен на исполнување на останатите препораки на УНЕСКО“, нагласуваат од Владата, додавајќи дека тоа мора да биде остварено бидејќи природното и културно наследство на Охридскиот регион не припаѓа само нашата земја, туку на целиот свет – пишува во соопштението.