Пехчево

Пехчевскиот градоначалник Драган Тренчовски и директорката на Центарот за развој на источниот плански регион, Драгица Здравева, потпишаа договор за реконструкција на Црнодолски Водопад. Со проектот е предвидено партерно уредување, со поставување урбана опрема. Инаку, станува збор за проект што е одобрен со одлука за финансирање проекти за планските региони за 2020 година, во вредност од 100 илјади евра.

– Проектот е со вкупен буџет од шест милиони и 200 илјади денари, од кои еден дел е кофинансирање од страна на Општина Пехчево, а преостанатите средства се обезбедени од националниот буџет преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој – вели Здравева.

Градоначалникот Тренчовски истакнува дека станува збор за капитална инвестиција, со чија реализација ќе се збогати туристичката понуда во Пехчево.
– За нас ова ќе значи развој на туризмот, стопанска гранка во која во изминатиот период вложивме во пречистителна станица за отпадни води во висина од 300 илјади евра. Изминатиот период вложувавме во патната и комуналната инфраструктура во целата општина, а сега и во партерно уредување на Равна Река со овој договор што е потпишан за Црнодолски Водопад – објаснува Тренчовски, кој додава дека со овој проект ќе се понудат повеќе содржини за туристите.

Меѓу нив се спомнува изградба на 10 дрвени моста, четири видиковци и летниковци, со поставување урбана опрема, клупи и канти за отпадоци, платформа пред водопадот, каде што туристите ќе можат да се фотографираат, потоа ќе има место за рекреација на најмалите, место за скара и други придружни содржини, што ќе значи дополнителен инпут за туризмот во општината Пехчево.