Општините од земјава, како и од градот Скопје потпишаа меморандум за соработка со Министерството за транспорт и врски. Преку аплицирање со проекти, а со директна парична помош од Владата, сите општини ќе можат да добијат средства за санација на локални патишта, улици и друга инфраструктура. Ќе бидат распределени 70 милиони евра, а Владата ќе овозможи сите општини да се стекнат со можност да добијат од 500.000 до 2 милиони евра, во зависност од проектот со кој ќе аплицираат. Средствата се добиени преку проект за изградба и рехабилитација на локални патишта, како заем од Светска банка.
– Оваа влада покажа цврста определеност да овозможи рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Токму затоа го почнавме овој проект за изградба и рехабилитација на локални патишта, а за неговата оправданост и неопходност говори и самиот факт што Светска банка ни одобри заем во висина од 70 милиони евра. Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните, а прикажа и цврста определеност да ја поддржи локалната заедница – рече премиерот Оливер Спасовски.
Со свечена церемонија вчера беше потшишан меморандумот за соработка со сите општини и градот Скопје, на која, покрај градоначалниците, присуствуваа и претставниците на општините и на градот Скопје, како и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ. На потпишувањето на овој документ, покрај носителите на проектот, присуствуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерката за финансии Нина Ангеловска, како и претседателот на Владата, Оливер Спасовски, и заменик-претседателката во Владата задолжена за економските ресори Мила Царовска.