Поглем дел од вработените во НУ Завод и Музеј – Прилеп, поддржани од СКРМ и СОНК, обвинуваат за отсуство на конструктивна комуникација со директорот на институцијата, Управниот одбор и Министерството за култура. Тие истакнуваат дека имаат неподносливи проблеми на релација вработени – директор кои ескалираат со тужби, различни притисоци и конечно со отказ на едно лице. За овие состојби јавно проговорија откако на нивниот колега Цветан Цветковски, по 18 години професионално извршување на работните обврски и задачи му е врачено решение за престанок на работен однос.
– Нашиот колега, во периодот од 23.11.2020 година до 11.12.2020 година добил симптоми на ковид-19 за што матичниот лекар му препишал соодветна терапија бидејќи
сите во семејството биле суспектни, но без тестирање поради зголемениот број на заболени и недоволен број на тестови во тој период. За оваа состојба колегата го известил директорот Благоја Атанасоски преку СМС-порака, пракса што директорот ја вовел уште при првиот суспектен случај во институцијата. Директорот исто така по СМС -порака се согласил дека работникот ќе го води на годишен одмор, се додека има слободни денови. Набрзо по неговото враќање на работа, директорот формира Комисија за водење на дисциплинска постапка каде вработениот се товари дека не поднесол соодветно писмено барање за отсуство од работа за периодот во кој му било одобрено отсуството, иако колегата се обидел да поднесе такво барање, но не му било овозможено од страна на правната служба поради отсуство на одговорното лице. На нашиот колега му се нарушени правата од работен однос и е прекршена постапката за отказ – истакнува Александар Цветкоски, посочувајќи дека директорот не го почитувал Законот за работни односи, Законот за култура и Колективниот договор на институцијата и дека членовите на УО не ги исполнуваат законските критериуми да бидат членови.
Тие јавно бараат од Министерството за култура и Трудовиот инспекторат да се вклучат во решавање на случајот, а се обраќаат и до министерката за култура Ирена Стефоска барајќи средба со неа за да ги изнесат проблемите со кои секојдневно се среќавале во институција, барајќи директорот да биде разрешен.
Директорот на Завод и Музеј Благоја Атанасоски, писмено одговори дека се што е поврзано со судска постапка поради престанок на работен однос на вработениот поради повреда на работен ред и дисциплина, а по претходно водена дисциплинска постапка, не може да коментира, а за другото не е надлежен да даде одговор и тоа прашање требало да се упати до Министерство за култура. Ка.М.