Несовесни граѓани во кантите за отпад си ставаат зимница, а ѓубрето го фрлаат на тротоарот. Ваков сомнеж изразуваат неготинци, реагирајќи дека неодговорни сограѓани ја загадуваат околината. А ракија се вари, нагласуваат, со прегорено моторно масло, пренесува МИА.
-Тука пред некој месец имаше контејнер, што сега веќе не е на тоа место. Е бидејќи некои несовесни неготинци се верни на традицијата, ѓубрето сè уште си го оставаат на истото место на кое некогаш стоеше контејнерот. Но, за жал ние треба да поминуваме покрај него. А кантите во двориштата нека се празни и чисти. Зима се ближи, може да послужат за спремање на некоја зимница. Срамота, зарем треба додека луѓето одат, употребени памперси и непознати хемикалии да им се лепат по нозете – во изјава за МИА реагираше Бојана Андонова, планинар и љубител на природата.
Комуналниот редар при Комуналниот инспекторат на општина Неготино, Андон Атанасов појаснува дека несовесните граѓани веќе во два наврати биле опоменати. Го носеле ѓубрето на тротоар, а кантите им останувале празни во дворовите. По правило, таму не требало да има контејнер, туку само пред згради и деловни објекти.
-Континуирано работиме како општина на одржување на хигиената, заедно со комуналното претпријатие. Секој ден се соочуваме со најразлични проблеми. Во изминатиов период се врши засилена контрола и откриени се, опоменувани и санкционирани повеќе граѓани за користење на недозволени средства за греење и за варење на ракија. Верувала или не, ракија се вари дури и со прегорено моторно масло- потврди и комуналниот редар.
Разговарале со неодговорните, за да проработи нивната еколошка свест и Атанасов се надева дека сепак ќе преовлада разумот кај непромислените и дека вакви проблеми ќе нема во иднина.