ПРИЛЕП

Советот на Општина Прилеп ја одржа редовната 56. седница, на која се најдоа прашања од интерес и значење за граѓаните. Врз основа на законските измени на Законот за финансирање на ЗЕЛС донесени оваа година, советниците ја усвоија предлог-одлуката за префрлање на вишокот средства од сметката за блок-дотации, на сметката на основниот буџет на Општина Прилеп за 2021 година. Со тоа, вишокот од 60 милиони денари од сметката за блок-дотации, се пренаменува за изградба на детската градинка и базенот во населбата Точила. Досега ваква одлука донеле 19 општински совети и Советот на Град Скопје.
Советниците донесоа одлука за кофинансирање на Општина Прилеп во имплементацијата на проектот „Обезбедување пристојни услови за живот за ромските домаќинства во Општина Прилеп“. Вкупната вредност на проектот, кој ќе се реализира во следните 36 месеци, изнесува 893.000 евра, а учеството на општина е во висина од 70.000 евра.

Членовите на општинскиот Совет ја усвоија измената на одлуката за одредување вредност на земјоделско земјиште за градот и селата во Општина Прилеп по катастарски општини, како и измените и дополнувањата на одлуката за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокации на зони на градежното земјиште во Општина Прилеп и населените места, за 2021 година.
На денешната 56. седница, усвоен беше и Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во ЈОУ детска градинка „Наша иднина“, а советниците дадоа „зелено светло“ и за одлуката за бројот на децата што ќе бидат згрижени во воспитните групи во оваа јавна општинска установа.
Советниците дадоа позитивно мислење за статутот на градската библиотека „Борка Талески“ и за измените и дополнувањата на статутот на училиштето „Климент Охридски“.
На седницата беше усвоен финансискиот извештај за приходи и трошоци на ЈОУ дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“, а беа донесени и повеќе други одлуки и решенија за разрешување и именување членови во управни и надзорни одбори и измени на годишни планови за вработување.