Без младите ликовни уметници од целиот свет, кои секоја година во мај доаѓаа во Битола да творат поттикнати од старата битолска архитектура, и овој пат, како и минатата година ќе се одржи најновото, јубилејно 40-то издание на детскиот ликовен фестивал „Мал битолски Монмартр“.
Годинава за прв пат со фестивалот ќе раководи Елена Хаџи Антонова, ќерка на идејниот творец на колонијата и детското ликовно студио, Коста Хаџи Антоновски, кој почина пред повеќе од два месеца.
Свеченото отворање на фестивалот ќе започне со пригодна програма и огномет на 23 мај во Старата битолска чаршија, пред платото на Малиот битолски Монмартртр. Истата вечер ќе им се доделат јубилејните награди на добитниците.
На отворањето ќе присуствуваат добитниците на највисокото признание, наградата Гран- при „Школа 1955“ од Москва, Русија, кои ќе дојдат лично да ја примат наградата, а се очекува во Битола да допатуваат и гости од Србија, изјави на денешната прес конференција Елена Хаџи Антонова.
Нa 24 Мај, патрониот празник на Детското ликовно студио од Битола ќе биде отворена изложби на отворено низ целиот град. Градскиот парк кај Саат Кулата ќе биде распослан со штафелаи и цртежи, а на плоштадот „Магнолија“ ќе биде поставено големо платно на кое секој граѓанин ќе може да нацрта нешто.
– Годинава ги нема децата од цел свет, но ќе се вклучат граѓаните да нацртаат по нешто на платното – изјави Елена Хаџи Антоновска.
На свеченото затворање на 30 мај, ќе се вклучат децата од градинките и основните училишта во Битола и во еко-паркот ќе имаат ликовен час. Организацијата на Ликовната колонија финансиски ја помогна општината Битола, како и Министерството за култура.
М.М.