Манастирот Пресвета Богородица Кичевска за денот Успение на Пресвета Богородица, традиционално е масовно посетен од верници од речиси сите градови во земјава.Така денес од раните утрински часови колони автомобили со верници од сите градови се упатија кон манастирот, каде запалија свеќи,се помолија за здравје и наполнија од светата вода, дури имаше и верници кои на своите најмлади потомци им правеа крштевка на овој голем ден.
Монашкото сестринство во манастирот беше целосно посветено, за да им излезат во пресрет на верниците и сите добронамерници кои денес го посетија ова светилиште, се за да протекне без проблеми, а ги замолуваа посетителите кога влегуваат во манастирската црква , да бидат облечени пристојно и задолжително да носат заштитни маски, во склад со протоколите за заштита од ковид 19.
– Празнувањето на Успение на Пресвета Богородица е празнување на почитта, разбирањето и љубовта на своите најблиски. Манастирот Пресвета Богородица Пречиста не е само локално светилиште, како што може денес да забележите,тој е посетен од верници од сите градови од земјава, кои го посетуваат манастирот од рано изутрина до доцна навечер – вели сестра Пелагија, една од членките на монашкото сестринство во манастирот.
Голем дел верници во повеќе наврати престојуваат тука и како што самите велат, со секоја наредна посета манастирот е се попривлечен и поубав за престој.
– Секогаш кога ќе го посетиме манастирот се враќаме дома се поисполнети и со чусвство дека од година во година тој е се попривлечен. Впечатоците се неизбришливи, задоволството комплетно, и затоа за овие празници редовно сме тука со верниците од целата земја – рекоа постари верници од Битола, кои беа најбројни помеѓу верниците.
Инаку традиционално секоја година се бира кум на манастирот, кој во следните 12 месеци ќе му служи на ова светилиште со повеќе верници доброволци, како и со монашкото сестринство, кое во текот на годината произведува првокласен мед и сирење.