Во последно време, особено по појавата на пандемијата на коронавирусот, многу малку луѓе прашуваат кој пат води за Мариово

Битола

Можеби ќе звучи цинично или крајно иронично, но така е. Додека коронавирусот го замре животот во светот, пандемијата од ковид-19 ги оживеа заборавените и напуштени села во Мариово. Само до пред неколку години патниците намерници што сакаа да го посетат Мариово, а кои немаа паметни телефони преку Гугл мапс да го најдат патот за Мариовско, возејќи по патот си ја пееја песната „Кој пат води за Мариово“. Да биде иронијата поголема, песната „Кој пат води за Мариово“ си ја пееја не само тие што не потекнуваат од тој крај туку и Мариовци што пред неколку децении ги напуштиле родните огништа и по иселувањето едноставно го заборавиле Мариово. Како последица на иселувањето, голем број села во Мариовско денес се целосно испразнети, а во некои останаа да живеат само по еден или двајца жители.
Во последно време, особено по појавата на пандемијата на коронавирусот, многу малку луѓе прашуваат кој пат води за Мариово, зашто не само Мариовци туку и голем број граѓани од Битола и од околните општини се интересираат за овој крај, кон кој природата била премногу дарежлива и го дарувала со прекрасна и непрегледна убавина, каде што мирисот на природата опива, а тишината најгласно зборува.
– Денес слободно можам да кажам дека малкумина прашуваат кој пат води за Мариово, зашто голем број Мариовци родени во Мариовско или нивните наследници го посетуваат овој крај и се интересираат за враќање во родниот крај – ни рече деновиве градоначалникот на општината Новаци, Љубе Кузмановски.

Според зборовите на Кузмановски, откако, благодарение на инвестициите во патната инфраструктура, асфалтот стигна речиси во сите мариовски села, голем број поранешни жители на Мариово се вратија во родните огништа. Тие што немаа наследено куќи или земјиште, пак, во последно време постојано се интересираат да купат стари и руинирани куќи, или парцели за да се доселат во Мариово и староста да ја поминат во оваа воздушна бања – вели Кузмановски.
Заинтересираноста за купување куќи или парцели во мариовските села особено се зголеми по појавата на пандемијата на коронавирусот.
– Во последно време во нашата општина постојано се јавуваат стари жители на Мариово или нивни наследници што се интересираат да си ги обноват своите веќе (про)паднати куќи, а не е мал бројот на луѓето од Битола и околните општини што имаат намера да купат куќи или парцели за да градат и таму да живеат – вели градоначалникот на Новаци, Кузмановски.

Токму зголемената заинтересираност за купување куќи или парцели во Мариово ги натера општинските власти да обележат парцели што се сопственост на општината, а кои ќе ги дадат наскоро на јавна продажба.
Според првиот човек на Новаци, најголема заинтересираност засега за купување парцели или куќи има за селото Зовиќ, каде што македонскиот режисер Милчо Манчевски е редовен гостин и кој со својот филм „Прашина“ во голема мера го афирмира ова прекрасно село со прекрасниот мост, потоа за Градешница и за Старавина. А не е ништо помала заинтересираноста и за купување стари и дотраени куќи и за селата Будимирци и Груниште, каде што живее само еден жител. Поради ваквата зголемена заинтересираност, Општина Новаци во селото Градешница веќе обезбеди 24 парцели од по 500 квадратни метри, кои наскоро ќе бидат дадени на јавна продажба, па сите заинтересирани ќе можат да конкурираат и да си купат парцели за изградба на свои куќи или викендички. Во наредниот период на продажба ќе бидат понудени и четири куќи во селото Зовиќ, чии сопственици уште пред неколку децении ѝ ги „препишале“ на државата, а државата подоцна ѝ ги отстапила на општината.

– Сега поради големата заинтересираност, сите четири куќи наскоро ќе бидат понудени на продажба – вели градоначалникот на Новаци, Љубе Кузмановски.
Слични јавни продажби на куќи што се сопственост на Општина Новаци ќе бидат распишани и за селото Старавина.
– Во Општина Новаци имаме тројца вработени што имаат лиценци за продажба на градежно земјиште, и тие во последно време, особено по појавата на пандемијата, најмногу се насочени кон активноста за расчистување на имотноправните односи и одредување на сопственоста на куќите и нивните наследници и нивна продажба на сите заинтересирани што сакаат да се вратат во Мариово, или пак тие што сакаат да станат нови жители, а кои имаат намера своите пензионерски години да ги живеат во мир и на чист воздух, каков што во Мариовско има во изобилство – изјави Кузмановски.

Инаку, за да се развие што повеќе туризмот во Мариовско, Општина Новаци покрај тоа што вложува доста средства од својот скромен буџет, обезбедува средства и од меѓународните прекугранични европски фондови.
Новаци е една од ретките општини што имаат искористено огромни европски средства од прекуграничната соработка со Грција. Особено беа успешни проектите „Жива природа – жива историја“,средства со кои се обновија куќата на Калеш Анѓа и црквата во Старавина, беше реновиран мостот во Зовиќ и беше изграден и рекреативниот парк кај реката Коњарка.
Поради тие вложувања во последно време сѐ поголем број рекреативци уживаат во прекрасната убавина на Коњарка, каде што општината наскоро планира по пат на јавно приватно партнерство да изгради и етноресторан.

Сега, со новиот прекуграничен проект, со градот Алмопиа од соседна Грција, Општина Новаци обезбеди 300.000 евра, од кои 250.000 ќе бидат за Новаци, а 50.000 за Алмопиа. Со средствата од овој прекуграничен проект ќе се реновира поранешното училиште во селото Зовиќ во хотел со четири луксузни апартмани и прекрасен етноресторан, а ќе се направи и патеката до мостот на реката и ќе се осветли самиот мост.
Инаку, Новаци опфаќа 41 село, а се простира на површина од 710 километри квадратни и е една од најненаселените општини во државата.