РЕК Битола ги отфрла сите обвинувања од вчерашната изјава на Христијан Мицкоски за наводен криминал, корупција и непотизам во работењето на нашиот најголем електро-енергетски комбинат во државата.

Во интерес на вистината, ја информираме јавноста дека носител на јавната набавка за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола е фирмата ГП Пелистер од Битола, согласно договорот ГП Пелистер има можност да ангажира подизведувачи, за што Комбинатот мора навремено и прецизно да биде известен и за истото да добие согласност.

Најодговорно тврдиме дека фирмите СВ. Инвест од Битола и Тотал инженеринг од Струмица, ниту некогаш работеле, ниту во моментот работаат како подизведувачи на ископ и транспорт на јаглен во РЕК Битола.

Ова го изјави на денешната прес-коференција во РЕК Битола, генералниот директор на Комбинатот, Васко Ковачевски, кој додаде дека тоа има неколку начини да се провери: преку записниците за изведување на работите, извештајот за работа на ПЕ Рудници и извештаите за влез и излез на лица, возила и опрема во Комбинатот.

– Оттаму со Мицкоски се согласуваме со едно, а тоа е надлежните институции, а посебно јавното обвинителсто да ги проверат неговите јавно изнесени наводи и да ја утврдат вистината. А во иднина секој оној, вклучително и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, што ќе изнесе конструирани невистини, лажни факти и дезинформации, со кои ќе ја замајува јавноста ќе се соочи со одлучен и категоричен одговор. АД ЕЛЕМ и РЕК Битола за секој таков обид ќе побараат одговорност пред судските институции. Воедно најавуваме дека многу скоро АД ЕЛЕМ и РЕК Битола ќе излезат со информации во јавноста за работењето на компанијата и комбинатот во непосредно изминатиот период, но и за перидот кога токму Мицкоски беше анагжиран во РЕК Битола и раководеше со АД ЕЛЕМ – нагласи на прес-конференцијата првот човек на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

М.М.