Со изложбата „Една година потоа“ која ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“, Владимир Темков (60) еден од најплодните кавадаречки ликовни уметници ќе го презентира своето творештво од изминатата година.

Насловот на изложбата „Една година потоа“ всушност е периодот по неговиот голем личен јубилеј од 40 години творештво, кој тој самиот смета дека е многу значаен.

– Во изминатава година го заокружив циклусот на слики кои го оформија мојот ракопис
и наговестуваат фаза на апстракција внесувајќи пејсаж во делата и фигурација која дава нова димензија. Тоа особено може да се забележи во делата кои се создадоа во времето на мојот студиски престој во Париз. Изминатата година е значајна и по тоа што излезе од печат мојата книга за уметноста, за мојот ликовен пат и моите размислувања за ликовноста и соочувањата со убавините на природата – вели ликовниот уметник Темков.

Во 2019 година со одбележувањето на неговиот јубилеј 40 години творештво Темков почувствува потреба да проговори за својата уметност во книгата „Драга уметност“ со поднаслов „Боите на небото и земјата – сликарство во зборови, зборови во сликарството“. За професор д-р Кирил Темков книгата „Драга уметност“ е мошне интересен творечки зафат, единствен во културна и уметничка смисла кај нас. Всушност тоа е авторско дело за своите разбирања на уметноста и своите инспирации за богатото и квалитетно творештво.

М-р Владимир Темков долго време ги истражува и во оваа книга ги претставува најзначајните творечки пориви за ликовната уметност. Воведната студија се однесува на богатството и специфичноста на тиквешките визуелни уметности-сликарството, скулптурата, графиката, мозаиците, како и другите форми на ликовното творештво. Во книгата Темков открива за важноста на ликовното доживување и творење, но и затоа колку се важни сите форми на творештвото, и кои ликовни дела и творци се важни за неговото оформување како автор, помеѓу кои особено ги претставува најголемите македонски и кавадаречки сликари Петар Мазев и Глигор Чемерски. Темков дава опис на дела на пријателите од нашата земја, но и од странство, со кои градел постојани духовни врски и кои помагале да се претстави творештвото на тиквешките уметници пошироко. Како културен деец 40 години во својот роден град тој говори за својот придонес во развојот на културното живеење и унапредување особено на полето на ликовната уметност.

Сите претходни случувања и активности на ликовен план создадоа простор за печатење на монографија во која се поместени значајни моменти, репродукции и извадоци од весници и портали и ТВ емисии на околу 370 страници. Монографијата претставува луксузно издание во тврд повез и е отпечатена од страна на „Ројал Арт“- Скопје, а финансиски е поддржана од Министерството за култура, градоначалникот на Кавадарци и Домот на културата во Кавадарци. Промоцијата на монографијата ќе се случи вечерва во рамките на изложбата.

– Морам да напоменам дека вечерашната изложба всушност е подготовка за мојата
голема изложба која треба да се одржи на 24 мај во Москва, Русија, по повод одбележувањето на денот на словенските просветители Кирил и Методиј. Проектот е во
организација на македонската амбасада во Москва и нашето Министерство за надворешни работи како дел од еден поголем проект во кој Македонија ќе биде претставена со концерти на класична музика ликовни изложби и поезија – открива Владимир Темков.

Покрај големата изложба во Москва Владимир Темков во текот на 2020 година предвидува повеќе гостувања со учество на меѓународни проекти во Турција, Србија, Индија, како и гостување со ликовни дела од 25 годишното постоење на ликовната колонија „Кавадарци“.