КАРПОШ

Децата во сите објекти на градинките во Карпош добиваат здрав и квалитетен оброк, уверуваат општинарите. Иако градинките работат по протоколи и со намалени капацитети, техничкиот персонал и вработените во кујните целосно се посветени за навремено да обезбедат здрави и квалитетни оброци за децата, велат оттаму.
– Храната секојдневно е различна, подготвена од сезонски намирници, а се води сметка и за нејзино адекватно складирање, приготвување, термичка обработка и сервирање на оброците. При подготовка на ужинките се избегнува користење на рафиниран шеќер, а како замена се користат јаткасти плодови, семиња (лен, чиа, семки од тикви) или суво овошје. Главните кујни во градинките на територијата на Општина Карпош работат и ја приготвуваат храната за децата според ХАСАП-принципите, што е во согласност со Законот за контрола и безбедност на храна и материјалите што се во контакт со храната – информираат во Општината.
Градинките имаат возила што ги пренесуваат топлите оброци на соодветна температура, која се мери пред нивно транспортирање. Секој сегмент од целиот процес на приготвување на храната и придружните елементи се одвива според однапред подготвен протокол што е изработен од овластено лице за контрола и безбедност на храната.
– Општина Карпош е и прва институционална членка на Европското тело за хигиенски инженеринг и дизајн, која ги почитува европските регулативи за хигиенска опрема. Целта е опремата и машините за производство на храна, во кујните каде што се приготвува храната да го подобрат нејзиниот квалитет преку користење сертифицирана опрема и машини што се проверени за работа преку правилниците на ова престижно европско тело – додаваат оттаму.