ГЕВГЕЛИЈА

Советот на Општина Гевгелија, на 62-та седница, донесе повеќе одлуки и решенија. Со мнозинство гласови се донесе одлука за сопствено учество на Општина Гевгелија во проект за изградба на зафатна градба, пумпна станица и доводен цевковод до постојниот резервоар во селото Ума, Општина Гевгелија.
– Населеното место Ума, во моментот има постоен систем за водоснабдување, кој генерално не може да го обезбеди доводното количество вода, особено во сушниот период. Со изградба на нов дренажен зафат со собирна комора, пумпна станица и нов потисен цевковод до постојниот резервоар ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето – велат во Општината.
Оттаму информираат и дека општинскиот совет донел и одлука за кофинансирање проекти на граѓански организации во рамките на јавните повици организирани преку регионалната програма за локална демократија, која е продолжение на партнерството помеѓу ЕУ и УНДП. Програмата имала цел да ги зајакнува капацитетите на општините и на граѓанските организации да воспостават долготрајни партнерства и да придонесуваат за подобрено давање услуги и реализација на локалните приоритети. Со донесената одлука, локалната самоуправа ќе кофинансира проекти од минимум 20 отсто од вкупниот износ на средствата на граѓанските организации што ќе бидат распределени, во максимален износ од 83.500 долари.
Едногласно, членовите донеле и одлука за формирање општински совет за превенција на детско престапништво на Општина Гевгелија, во согласност со Законот за правда на децата.

– Конституираниот Совет ќе има цел да ги следи состојбите, да поведуваат иницијативи за нивно подобрување и ќе развиваат програми за вклучување на локалната заедница во превенција на детското престапништво и третманот на деца, сторители на дејствија – кривични дела и прекршоци. Инаку, во согласност со одлуката на Владата за изменување на одлуката за превентивни препораки, привремени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест, ковид-19, советот даде согласност да се зголеми бројот на децата во воспитните групи во „Детска радост“. И тоа, во воспитните групи за деца до двегодишна возраст. Исто така, беше дадена согласност и за дополнување на Правилникот за внатрешна организација на „Детска радост“, каде што се менува членот 6 став, во кој се додава новата детска градника „Развигорче“ во селото Прдејци, како организациска единица во рамките на Детската градинка – информираат општинарите.
На оваа седница, директорот на претпријатието „Комуналец“ информирал за состојбата со водоснабдувањето во населените места и за состојбата и преземените активности за кучињата бездомници во Општина Гевгелија. Како и за состојбата со употребата на наркотици и психотропни супстанции кај младите во Општина Гевгелија од страна на Општата болница со проширена дејност – Гевгелија и за преземените активности за дезинфекција, дезинсекција и дератизација во Општина Гевгелија од страна на општинската администрација.

Предмет на расправа биле и годишните планови за вработување за 2022 година во образовните институции во општината. Општинскиот совет се произнел со заклучок да се задолжи општинската комисија за процена и утврдување на висината на штетите предизвикани од елементарни непогоди да ги преземат поднесените пријави од оштетените субјекти за настанатите штети во периодот од 8 до 10 април 2021 година, да излезат на терен и да констатираат постоење на елементарна непогода, да ја утврдат штетата, да изготват елаборат и истиот тој да го достават на усвојување до Советот на Општината. А потоа да се проследи до Владата и републичката комисија за процена и утврдување штети предизвикани од појава на мраз на територијата на Општина Гевгелија.
Советот донел и одлука за основање заедничко јавно претпријатие за заловување и третман на бездомни кучиња за општините од Југоисточниот плански регион, со седиште во Струмица. На оваа седница, членовите на Советот имале можност да поставуваат советнички прашања во врска со работата на градоначалникот и реализацијата на проектите и активностите.