Модуларниот ковид-центар што е монтиран во кругот на кичевската општа болница деновиве ќе ги прими првите пациенти. Центарот почна да се гради кон крајот на минатата година и е еден од петте модуларни ковид-центри во земјава. Овој центар се протега на површина од 700 квадратни метри, а ќе може да прими 45 пациенти заболени од ковид-19.
Центарот ќе беше пуштен во употреба и порано, но поради недоволниот капацитет од електрично напојување почетокот на работа беше одложен.
– Со отстранувањето на проблемот со недоволно електрично напојување, не постојат други пречки за почеток на работа на модуларниот ковид-центар во нашата болница. Сѐ друго што е неопходно за непречена работа на овој ковид-центар, од современи кревети, затоплување, мобилен рендген-апарат, боци за кислород на пациентите на кои тоа им е неопходно, е обезбедено. Персоналот е добро обучен и исполнети се апсолутно сите услови за почеток со работа на модуларниот ковид-центар – истакна Неџат Балажи, специјалист во кичевската болница, добро упатен во оваа проблематика.
Тој посочува дека со пуштањето на овој ковид-центар ќе се релаксира состојбата со недостиг од кревети, бидејќи моменталниот капацитет со кревети во овој центар ќе биде удвоен и ќе може да бидат згрижени и пациенти од општините Македонски Брод и Пласница.
Во лекувањето на инфицираните со ковид-19 се вклучени и специјализанти од оваа болница.
– Покрај редовно вработените, во лекувањето на заболените од ковид-19 се вклучени и повеќе специјализанти, кои се добредојдени за да му помогнат на постојниот персонал, за да не се почувствува недостиг од лекарски кадар. Тие ќе останат во нашата болница сѐ додека има потреба, а според сегашните процени, тоа никој не може да го предвиди, и покрај тоа што бројот на новозаразени во последните месец и половина е намален – додава Балажи.
Инаку, покрај модуларниот ковид-центар, во кругот на Општата болница во Кичево наскоро ќе биде пуштена во употреба и тријажната ковид-амбуланта, која ќе биде модел на дневна болница и ќе ги третира пациентите на кои им се неопходни инфузија, инјекции, лабораториски услуги или друг тријажен третман. Таа располага со површина од 180 квадратни метри, а е изградена со донација од германската амбасада во земјава, во износ од 41.000 евра.