БИТОЛА
Љубителите на домашните миленичиња, особено на кучињата, може да бидат среќни. Во долниот дел на градскиот парк е изграден специјализиран парк, со голем број реквизити за забава и разонода на домашните миленичиња, особено на кучињата.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, и директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски, деновиве, по промоцијата на паркот, нагласија дека овој специјализиран парк за домашните миленици е дел од програмата „Изградба по план – инфраструктура за сите“.
– Голем дел наши сограѓани имаат домашни миленици, но во зависност од нивниот простор на живеење, досега немале можност да имаат организиран простор, каде што ќе ги носат своите миленици да се рекреираат и забавуваат. Со изградбата на овој забавен парк за миленичињата, добивката е двојна, бидејќи миленичињата сега ќе имаат простор каде да се растрчаат и да имаат свои активности, а од друга страна, со самата ограденост, заштитени се другите граѓани.
По согледувањата на граѓаните и нивните укажувања за изградба на ваков простор, ние го изградивме овој парк. Сега, по неговата изградба, постои заинтересираност и на жителите од Нова Битола, кои живеат во горниот дел од градот, да се изгради ист таков забавен парк. Идејата е добра и ќе даде можност повеќе, бидејќи оддалеченоста од оваа локација е голема – истакна градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Паркот за миленичиња е ограден простор, каде што граѓаните може да ги растрчаат своите миленичиња, но и да се рекреираат.
– За таа цел поставивме реквизити, кои се направени од природни материјали. Би сакал да укажам на правилата што се запишани на поставените табли на двата влеза, да се чува инвентарот, а отпадот од кучињата граѓаните да го ставаат во кантите за таа намена, за да можеме паркот да го одржуваме во добра состојба – истакна директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Бранко Тасевски, вработен во ЈП „Комуналец“ и претседател на Битолското кинолошко друштво, посочи дека Битола е трет град во државата што има специјален парк наменет за домашните миленичиња.