БИТОЛА

Во Битола деновиве се поставени 22 нови специјализирани контејнери за искористена стаклена амбалажа. Овој проект се реализира со поддршка на ЗЕЛС, „Пакомак“ и на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ). Соодветниот третман на отпадот е исклучително значаен. Од денеска во Битола се поставени уште 22 контејнери за стакло, со што нивниот број во градот е 80. Ваквиот начин на третман на стаклениот отпад не само што е чекор повеќе во селектирањето на сметот и отпадот туку претставува и заштеда на енергијата, бидејќи многу поголема заштеда има доколку стаклото се рециклира отколку да се произведува од почеток.
– На овој начин се овозможува да не се фрлаат насекаде стаклените амбалажи. Она што го очекувам е подигната свест кај граѓаните на Битола, бидејќи сите ние соодветно треба да го третираме отпадот во соодветните контејнери, а со поставувањето контејнери за стаклена амбалажа ѝ даваме добар пример и на помладата популација. Тие треба да ги менуваат навиките, трендовите и културата на живеење, онака како што се случува во другите метрополи во светот, со почитување на сите вредности – рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
На потпишувањето на договорите присуствуваше и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која информира дека во рамките на проектот учествуваат општини од три земји, од Србија, Босна и Херцеговина и од нашата земја.

– Од нашата земја на почетокот на проектот беа избрани две пилот-општини, Илинден и Штип, но по создадените услови ги приклучивме и Скопје, Гевгелија, Битола и Тетово. Освен создавање соодветна инфраструктура на специјални контејнери за депонирање на стаклената амбалажа и унапредување на собирањето на отпадот од пакување од стакло, целта на проектот е и да се развијат соодветни бизнис-модели што ќе бидат применливи и во другите единици на локалната самоуправа. Во сите општини опфатени со проектот ќе се мери количеството на собраното стакло, со намера тоа да биде зголемено најмалку за 20 проценти од досегашните количества – посочи Перишиќ.

Александра Каревска-Димовска, претставничката од ГИЗ, кажа дека воспоставувањето економски вредносен синџир на рециклирање стакло во регионот е главната цел.
– Во таа насока се реализираат низа активности, меѓу кои: поставување соодветна инфраструктура на контејнери за оставање на стаклото во пилот-општините; спроведување кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото; зголемување за 20 отсто на собраните количества стакло; потоа спроведување обука за јавните комунални претпријатија и развивање три бизнис-модели за општините (урбан, рурален и ХОРЕКА) што во следниот период ќе послужат како модел за успешно управување со отпадот од стакло.
Општина Битола планира и во иднина да обезбеди нови количества контејнери за оваа намена, а со тоа уште повеќе ќе ја унапреди оваа услуга за граѓаните, односно да им овозможи во непосредното место на своето живеење да може да го депонираат овој отпад.

– Количеството од 80 контејнери сепак сметам дека не е доволно, бидејќи во Општина Битола имаме и рурални места, кои веќе го рециклираат отпадот. И во иднина ќе го прошируваме капацитетот на контејнерите за стакло. Но од друга страна, нѐ радува тоа што граѓаните веќе покажуваат свесност за рециклирање и преку специјалните контејнери што ЈП „Комуналец“ ги постави, а се наменети, покрај за стакло, за рециклирање хартија, пластика и органски отпад – рече директорот на „Комуналец“, Панде Богоевски.