ГЕВГЕЛИЈА

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, се сретна со претставниците на месните заедници од општината Гевгелија, како дел од низата активности за креирање на буџетот. На состанокот, претседателите на месните заедници ги истакнаа евидентираните потреби на жителите во населените места што се однесуваат на развојот и подобрувањето на условите од која било област во надлежноста на локалната самоуправа.
– Сите предлози и идеи беа детектирани, а одделението за финансии ќе предвиди средства за нивно реализирање во програмите на предлог-буџетот за 2021 година, кој ќе се разгледува на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, на крајот од декември. Во тек е и учеството на сите граѓаните на општината Гевгелија, кои можат во наредните две недели, заклучно до 20 декември, со свои идеи и предлози да придонесат со пополнување на анкетниот прашалник преку веб-платформата за граѓанско учество во креирањето на буџетот – информираат во Општината.
Оние граѓани што не поседуваат ИТ-уреди, своите предлози може да ги достават писмено во архивата на Општината. Досега се пристигнати околу сто предлози и идеи, а најголем дел од нив се однесува на подобрување на патната инфраструктура, и тоа на асфалтирање и бетонирање улици и краци во населените места.