Во рамки на одбележувањето на Денот на македонската полиција 7 мај денес делегации на институции, политички партии, здруженија, како и семејствата и пријателите ги посетија вечните почивалишта на неколкумина трагично загинати полициски службеници од Тетовскиот регион.
Посетен беше гробот на Цоки Стојановски кој загина во 2001 година, а положено беше цвеќе на неговата и спомен бистата во кругот на сообраќајната полиција. Загина на 28 години, а остави зад себе сопруга и две малолетни деца.
Со полагање свежо цвеќе почит им беше оддадена и на Сашо Самојловски и Жарко Кузмановски двајцата припадници на специјалните единици на македонската полиција од Тетовско кои загинаа на 9-ти мај 2015 година во антитерористичката акција во кумановската населба „Диво насеље“.
Колегите му оддадоа почит и на Дано Петрески крим техничар кој го загубил животот во полициска акција во Палчиште во 1997 година. Почит со полагање свежо цвеќе во Тетово му беше оддадена и на полицаецот Живко Јовановски кој почина во 2014 година во несреќен случај. По повод денот на полицијата Секторот за внатрешни работи го посети заменикот министер во МВР, Агим Нухиу.
А.С.