Со воена свеченост и во присуство на голем број на гости, денес во кичевската касарна беше одбележан Денот на единицата – 21 мај.
На свеченоста беа присутни и командантот на Здружената оперативна комада генерал мајор Зоран Милески, командатот на 1. механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Миче Ѓоргоски, градоначалници од општините во зоната на одговорност, голем број претставници на јавниот сектор, како и ученици од кичевските основни училишта и од Охрид.
На свеченоста пред многубројните присутни говореше командантот на 4. менанизиран пешадиски батаљон, потполковник Боро Латкоски.
– Дваесет и први мај е Ден од посебно значење за припадниците на 4. механизиран пешадиски батаљон, кога во далечната 1943 година е формиран Кичевско-Мавровскиот партизански одред. По тој повод ние денес ја организираме оваа воена свеченост и заедно ја прославуваме – рече командантот на единицата Латкоски.
Toj ги истакна активностите и остварувањата на единицата во изминатиот период.
– Денес кога го славиме овој ден како припадници на оваа единица, даваме целосен придонес со постигнување на високи резултати во градењето на борбената готовност и со извршување на многу други значајни мисии кои се приоритетни за единицата и армијата во целина. И годинава се вклучивме во проектот на Министерството за одбрана за популаризација на воениот позив, во сите средни училишта во нашата зона на одговорност, и како резултат на тоа, денес нашата прослава е збогатена со присуство на ученици од овие училишта – додаде меѓу другото командантот на единицата, Латкоски.
Гостите и припадниците на армијата ги поздрави и бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски кој истакна дека оваа единица покрај редовните обврски и остварени високи резултати, летово даде огромен придонес во гаснењето на големиот шумски пожар во бродско, и секогаш кога тоа е потребно таа ќе стои на располагање, за решавање на вакви и слични природни или катастрофи предизвикани од човечки фактор.
За присутните во касарната беше организиран и тактичко–технички збор, во текот на свеченоста беше прогласен најдобриот вод во составот на батаљонот, а доделени беа и унапредувања, награди и стимулативни мерки, на старешини и војници од единицата, кои во изминатиот период најмногу се истакнаа. З.А.