Откако помина февруари, сите поверувавме дека зад нас е најтоплата зима што воопшто е забележана и дека ни претстои сончева пролет и изгор топло лето. Но, природата си има свои непишани правила и тоа го потврди тековниот месец, кога во Кичево имавме повеќе снежни врнежи отколку во текот на целата зима, што никогаш досега не е забележано.
Така во само петнаесетина дена, Кичевско-бродскиот регион во три наврати се пробуди со снежна покривка. Снегот придонесе да се подобри хидролошката состојба, но им донесе проблеми на овоштарите кои стравуваат дека можат да останат без планираниот род.
– По којзнае кој пат се потврди дека со природата нема шега. Откако дојде пролетта, сите очекувавме по топлата зима да имаме уште потопла пролет, но април не ги исполни нашите очекувања. По третпат ни донесе снежна покривка и пониски температури, што негативно се одрази врз цветањето на овошките. Така, најпрво го уништи родот на коскестите овошки, потоа и на сливите, а сега нѐ стави во дилема дали ќе имаме поубаво време деновиве, кога треба да процветаат јаболката и крушите. Ако и тогаш се случи нешто слично, тогаш ќе имаме сиромашна сезона, како пред две и три години – велат Горан и Трајан, овоштари од овој регион.