Членовите на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, со низа активности го одбележуваат Светскиот ден на извидништвото, 22 февруари, а во склоп на ова одбележување и под мотото „Направи добро дело“, беше спроведена и крводарителната акција на која се одзваа голем број членови на одредот.
– Светскиот ден на извидништвото, 22 февруари го одбележуваме со повеќе активности. Така во соработка со одделот за трансфузиологија од нашата болница, спроведовме крводарителна акција на која се одзваа поголем број на наши членови, при што беа собрани 25 единици крв. Благодарение на сите хумани граѓани кои одвоија дел од своето време, за да направат добро дело, оваа акција беше успешно реализирана. Крводарителната акција нашиот извиднички одред ја спроведува веќе 4 години – истакна Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, кој прослави 65 години од своето формирање.
Покрај крводарителната акција, извидниците од кичевскиот одред ќе спроведат и прошетка и екоакција на планината Илиница, а ќе учествуваат и на ноќното искачување на Водно, на кое ќе земат учество членови на извиднички одреди од целата наша земја.
-Денот на извидништвото ќе биде одбележан и со задолжителна прошетка до врвот на планината Илиница, каде како и ланската година ќе спроведеме и еколошка акција за чистење на отпадот што е фрлен од страна на неодговорни граѓани, кои престојувале на оваа планина. Исто така наши членови ќе земат учество и на ноќното искачување до Горно Водно, а тргнувањето на овој марш ќе биде, во недела, од градскиот плоштад во Скопје. Со сите активности ќе потврдиме дека сме добро организиран и екипиран извиднички одред – додаде началникот Стојаноски.
Искачувањето на планината Илиница ќе се изведе овој викенд, ако тоа го дозволи временската ситуација, во спротивно истото ќе се реализира во еден од наредните викенди.
З.А.