Во долниот дел од Градскиот парк во Битола од денес граѓаните ќе може да ги носат своите домашни миленици во посебен парк, во кој се сместени реквизити за забава на кучињата и клупи за сопствениците, како и специјални канти наменети за отпад од милениците.
– Многу од нашите сограѓани имаат домашни миленици, но во зависност од нивниот простор на живеење досега немале можност да имаат огранизиран простор, каде што ќе ги носат своите миленици. Придобивката е двојна бидејќи милениците имаат каде да се растрчаат и да имаат свои активности, а од друга страна, со самата ограденост, заштитени се другите граѓани. По согледувањата на граѓаните, барање за ваков простор постои и во горниот дел од градот, во Нова Битола. Идејата е добра и ќе даде можност повеќе бидејќи оддалеченоста од оваа локација е голема – истакна битолската градоначалничка Наташа Петровска.
Паралелно со акцијата за поставување на паркот, ЈП „Комуналец“ обезбеди дополнително осветление на овој простор со цел граѓаните да може да остануваат и подоцна во вечерните часови.
– Би сакал да укажам на правилата што се запишани на поставените табли на двата влеза, да се чува инвентарот, а отпадот од кучињата граѓаните да си го ставаат во кантите за таа намена за да можеме паркот да го одржуваме во добра кондиција – истакна директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Бранко Тасевски, вработен во ЈП „Комуналец“ и претседател на битолското Кинолошко друштво, посочи дека Битола е трет град во државата кој има специјален парк наменет за домашните миленици – кучињата.