БИТОЛА

Во Клиничката болница во Битола ангиографот речиси повеќе од една година не работи и што е уште понеизвесно е тоа што засега никој не знае кога тој воопшто ќе проработи. Поради тоа речиси секојдневно од Битола со амбулантни возила на Клиничката болница се транспортираат пациенти со срцеви проблеми во Скопје и во Охрид. Таквиот транспорт не само што е скап и неизвесен и доста скапо ја чини Клиничката болница туку понекогаш е и трагичен, бидејќи некои пациенти не дочекуваат да стигнат во овие два града.
– Јас не можам да верувам дека во Битола веќе нема кој да ти даде помош ако имаш проблеми со срцето. Деновиве мојот зет, кој имаше инфаркт, едвај спаси глава. Кога нѐ примија во Клиничката болница ни рекоа дека тој мора итно да се транспортира во Скопје. Јас буквално не знам како стигнавме до Скопје да му се вградат стентови. Додека него го транспортираа со амбулантното возило, не знам ни самиот јас како возев до Скопје. Тоа беше вистински ужас за мене и моето семејство – ни вели нашиот соговорник Д.К., чиј зет деновиве едвај се спасил по доживеаниот инфаркт.
Вработените во кардиолошкото интервентно одделение во Клиничката болница во Битола не сакаат да зборуваат за овој проблем. Тие само ја потврдуваат информацијата дека ангиографот подолго време не работи и дека тие не се во можност да интервенираат. Зошто не се сервисира ангиографот или не се набави нов, велат дека не е нивно да коментираат.

И другите служби со кои контактиравме во болницата тврдат дека ангиографот не работи и дека за тоа е запознаено Министерството за здравство. Кога ќе биде поправен или сменет со нов не знаат. Според некои од нив, смената на ангиографот доцни поради стопирањето на јавните набавки поради изборите и пандемијата на коронавирусот. Срцевите болни, колку и да имаат разбирање, не можат да се помират со тоа дека дефектот на ангиографот не може да се поправи повеќе од една година. Нив особено ги трауматизира тоа што никој засега не им кажува кога ќе биде поправен и до кога Битола ќе биде без интервентно кардиолошко одделение, кое со големи помпи свечено беше пуштено во употреба пред повеќе од осум години.
Пред осум години беше промовирана интервентната кардиологија во Клиничката болница, кога првпат се изведе процедура на интервентна кардиологија, и тоа не на еден туку на тројца пациенти. Тогаш д-р Сашко Кедев, кој му помагаше на стручниот тим битолски кардиолози што ги извршија интервенциите на пациентите, кажа дека е важно постоењето на овој центар и дека тимот од Скопје максимално ќе го поддржи развојот на интервентната кардиологија во Битола како регионален центар.
Во работата на интервентната кардиологија беа ангажирани неколкумина врвни интервентни кардиолози, кои претходно беа на специјализација во Клиничкиот центар во Скопје. Денес, осум години подоцна, Битола е без интервентната кардиологија, која не работи. По нејзиното затворање, пациентите што имаат срцеви проблеми во Битола и регионот на лекување се испраќаат повторно во Охрид или во Скопје.