Сакајќи што повеќе да научат за минатото на земјава и регионот, ученици од основните училишта од општина Кичево, Гостивар и Дебарца, во изминатите неколку месеци го посетија музејот „Западна Македонија во НОВ“ во Кичево, каде што имаа можност на лице место да ја осознаат историјата на овој регион во времето на Втората светска војна.
– Во последниве неколку години за музејот„ Западна Македонија во НОВ“ од Кичево владее се поголем интерес кај учениците од основните училишта во општина Кичево и соседните општини Гостивар и Дебарца. При овие посети учениците во целост сакаат да се запознаат со историјата на овој регион, а за тоа работата им ја олеснува богатата фотодокуметација, оружјето што било користено во тој период и многуте пишани документи, за од прва рака целосно да се упатат во периодот од 1941 до1945 година. Учениците имаа можност да дознаат дека Кичево е најмногу пати ослободуван град во Втората светска војна, а во регионот на Копачка започнало со работа и првото основно училиште на македонски мајчин јазик – истакна Дардан Емини, директор на кичевскиот музеј.
Тој нагласи дека учениците при овие посети, покрај големиот интерес за се она што може да им го понуди музејот, се интересираат и за детали поврзани со првата партизанска печатница на планината Лопушник, смртта на Кочо Рацин, а им беше предочено дека на терасата од овој музеј беше одржан и првиот митинг на слободна територија во Македонија на 26 септември 1943 година. З.А.